На 22 март со почеток во 20 часот во кино Милениум ќе биде премиерата на „Бикини Мун“, најновиот американски филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски. Филмот продолжува на редовниот репертоар на киното уште истата вечер од 22 часот. Билетите за филмот се пуштаат во продажба од среда 14 март.

Во меѓувреме, „Бикини Мун“ почна да се прикажува на повеќе светски фестивали. Светската премиера беше на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, а американската на познатиот Синеквест фестивал во Сан Хозе, Калифорнија.

Неодамна, на 38. Меѓународен филмски фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, филмот на Манчевски ја освои специјалната награда од жирито.

„Бикини Мун“ вчера беше премиерно прикажан и на Меѓународниот филмски фестивал во Софија, Бугарија, во програмата „Мастери“, а пред тоа и на ФЕСТ во Белград.  Деновиве следуваат фестивалите во Сарасота (Флорида), во Истанбул, Филмскиот Фестивал Менхетен (Њујорк), во Франкфурт (Германија) и Нешвил во мај.

Оваа модерна мрачна бајка на Манчевски говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на Бикини Мун е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно контролирана или двојно манипулирана.

Главна хероина е повратничката од војната во Ирак, Бикини Мун Дејвис, харизматична, енергична, духовита, убава и провокативна, но и ментално нестабилна. Нејзината приказна и нејзиното однесување – нѐ водат до работ на вистината, и често не сме сигурни што е вистина, а што фантазија. Филмот е во целост сниман на локации во Њујорк.

Светските филмски критичари велат:

„Ова е брилијантен авторски филм.“

„Позициониран на деликатната граница меѓу играното и документарното, „Бикини Мун“ е модерна урбана бајка со фасцинантен наратив.“

„Актерката Кондола Рашад ја трансформира Бикини во фигура која е во исто време трогателна, смешна, силна, ранлива и харизматична.“

„Ова е сосема свежо и оригинално дело на мајстор-режисер. Глумата на Кондола Рашад шокира.“

„Провокативен и убедлив портрет на една нестабилна жена, која се обидува да го врати во нормала нејзиниот живот. Бикини Мун е провокативен, повеќеслоен лажен документарец, кој ги акцентира најлошите делови на милениумскиот либерализам. „Бикини Мун“ е модерно искуство, кое се вклопува во грдоста на нашата воајеристичка култура“.

„Ова е филмот што „Формата на водата“ сакаше да биде, ама не знаеше како.“

„Во неверојатно брилијантниот „Бикини Мун“, вжештената глума на Кондола Рашад ја потпалува провокативната приказна на Милчо Манчевски.“

„Глумата на Кондола Рашад предизвикува стравопочит.“

Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите досегашни филмски проекти на Манчевски. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Единствен Македонец во филмската екипа, покрај режисерот е композиторот на музиката – Игор Василев Новоградска.

https://www.facebook.com/bikinimoonmovie/

Веб страницата: https://www.bikinimoonmovie.com/

Треилерот за филмот:

СПОДЕЛИ
Претходна објаваХитот од модните писти – се префрли на улица!
Следна објаваНова колекција за мажи: John Galliano есен/зима 2018!
Пилотот кој раководи со летот кој ја открива креативната страна на животот е вечен поддржувач на широката палета уметности, со хиперактивен печат. Без ефект на изненадување поради уметничкиот допир од мали нозе и израснувањето во семејна атмосфера на вистински уметници прават од него модерен боем, шармантен екцентрик, вистински гурман, патувач и трагач по креативитет низ секој агол на планетата. Затекнат во маркетингот и односите со јавност, не успева да се оддели од креативниот максимум во секоја сфера на живеењето.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР