Од печат излезе македонскиот превод на романот „Аматер“ на Луксембуршкиот писател Жан Бак, како дел од едицијата „Прошетка низ Европа“. Овој краток роман вдомува комплексен наратив. Дејството е сместено во 2007 година, кога нараторот наидува на расказ што го напишал уште како осумнаесетгодишен студент во 1971 година. Се одлучува да ја препише првичната приказна, овој пат комбинирајќи ја со сеќавањето на една дамнешна љубов, Роза, млада девојка од Германија многу поискусна и сексуално посозреана од него.

Резултатот е сложена дискурсна мрежа, „полилог“, колаж во кој различните гласови не стекнуваат апсолутно, туку релативно значење, разоткривајќи ја смислата на делото превосходно во интертекстуалните празнини. Како и повеќето современи остварувања што ја избегнуваат линеарната нарација, и романот на Жан Бак е самосвесен, па неретко посегнува нанадвор, вон фабулата, кон размислите за сите можности и ризици што се исправаат пред авторот на едно книжевно дело.

Жан Бак, е роден во 1953 година во Дуделанж, индустриски град во Луксембург, блиску до француската граница. Откако завршил основно образование во Еш-Алзет, станал јавен службеник, првин во Министерството за труд, а потоа во Министерството за култура. Од 1989 година, тој е шеф на Centre National de l’Audiovisuel во Дуделанж. Во 1990 година приреди фотографска изложба, Lieux et Portraits du Bassin minier. Згора на неговата силна приврзаност кон визуелните уметности, во 2003 година Жан Бак се сврти кон книжевноста со Wollekestol, како почит кон својот роден град и челичната индустрија. Жан Бак пишува на луксембуршки и германски јазик. Добитник е на престижната Награда за литература на Европската унија, токму за романот „Аматер“.

Преводот на романот го направи Ксенија Чочкова, филолог и преведувач од германски јазик, а дизајнот на корицата го изработи Катерина Трајановска, еден од победниците на студентскиот конкурс за дизајн на корици организиран од издавачката куќа Арс Ламина. Целиот проект, со наслов „Прошетка низ Европа“, е поддржан од Програмата „Креативна Европа на Европската унија“.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНајубавиот дом за 2016 – според Пинтерест!
Следна објаваХороскоп од 18.07. – 24.7. 2016 година!
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР