За еден спој од буквички, интерпункција и душа да стане класик тогаш треба да го помине тестот на времето. Критиките ќе се менуваат исто како и критичарите, но ако пошироката публика и после 50 години може да ја земе книгата и во еден здив да ја прочита, тогаш зборуваме за вистински класик.
Со тоа кажано, ви ги претставуваме класиците и зошто тие се вредни за вашето внимание?
1. Оливер Твист – Чарлс Дикенс: Затоа што викторијанскиот Лондон умеел да биде хорор за една кревка детска душа, затоа што и после толку години, Чарлс мами морници со ова дело.
2. Сликата на Доријан Греј – Оскар Вајлд: Затоа што да ја изгубиш надворешната убавина е страшно, но да ја продадеш својата душа е уште пострашно, затоа што оваа драма ви нуди спектар од разработени теми.
3. Хајди – Јохана Шпири: Затоа што изолираниот живот на планина е убав и полн, затоа што едно мало девојче успева да го трансформира својот чичко и затоа што тоа е само почетокот на една приказна од студените Алпи која ќе ви го стопли срцето.
4. Малата принцеза – Frances Hodgson Burnett: Затоа што малата Сара е женски херој кој ќе ве натера да верувате во алтруизам и филантропија; затоа што книгите кои ќе ги гушнат вашите души се безвремени класици.
5. „Пиреј“ и „Дениција“ – Петре М. Андреевски: Затоа што љубовта е најсилното чувство на светот, каков и да е тој свет, затоа што ниедна литература не може да биде посилна и поразнежнувачка од онаа која во себе ја носи суштината на вечното и наше.
6. Страданијата на младиот Вертер – Гете: Затоа што кој би ни ја доближил љубовта и најскриената интима на љубовните страданија поубаво отколку безнадежен романтичар?
7. Шагринска кожа – Оноре де Балзак: Затоа што ако сакате раскошно вивидни описи и интригантни заплети со неоспориво добра тематика, Балзак е писателот за вас.
Од длабокото море што е литературата никогаш не можеш со едно нурнување да го извадиш најубавото каменче, затоа што секое е неделив дел од магијата која тлее во внатрешноста на брановитите корици. Па доколку не сме го наброиле вашето скапоцено каменче литература, споделете го со нас во коментарите.