IMG_8273_1Долгогодишната успешна соработка на Националната галерија на Македонија и Дирекцијата за култура и уметност резултира со партиципација на Галеријата во рамките на манифестацијата Скопско лето. Така и оваа година, Проект од годишната програма на Националната галерија на Македонија ќе биде претставен на свеченото отварање и започнување на Скопско лето 2016.

Отварањето на оваа манифестација ќе биде во храмот на уметноста, објектот Чифте амам, на 21 јуни 2016 година (вторник) во 20 часот.

Жарко Башески е автор на оваа изложба со наслов Обичниот човек, а куратор на проектот е Горанчо Георгиевски.
Творештвото на Жарко Башески е изложувано во повеќе галерии и музеи, има остварено повеќе скулптури во јавен простор (Александар Македонски, Гоце Делчев, Даме Груев, Св. Кирил и Методиј…) и беше претставник на Македонскиот павилјон на 54-тото Меѓународно уметничко биенале во Венеција, 2011 година. Интересот во неговото творештво е свртен кон човекот, па оттаму и интересот за хиперреалистичкиот приод во обликувањето на концептот на делото, кој во идејната проекција го надминува и хиперреализмот и говори за животот и реалноста во која живееме.
Жарко Башески не бега од аспектите на реалноста на човековиот живот и на неговото битисување во општеството, туку жестоко ги анализира и непосредно и директно ни ги пренесува личните погледи и заклучоци со своето творештво. Тој во потрагата за гносеолошки и онтолошки одговори за човекот нè воведува во аутистичката празнина на денешното социоопштествено живеење, но и во можноста за себеистражување, себеоткривање и себеизградување и во менувањето како на визијата, така и на вистината за себеси и за човековото постоење.

IMG_8241_1 Жарко Башески е автор отворен за експерименти кон барањето нов пластичен израз и лична сигнатура. Во провокацијата како за себеси, така и за другите, во своите експериментални бранувања концизно инсистира да се раскаже една животна приказна во делови, да ја раскаже приказната за обичниот човек и од неа да се постигне една нова и заокружена целина. Во тој склоп на околности, делата повеќе сугерираат на нивно исчитување отколку на набљудување.
Базична цел во делото на Башески е да се изразат слободата на авторот во мисловниот превод на личното доживување за светот во кој живееме и неговото естетско визуелно оформување како чин на себеспознанието.
Жарко Башески е роден во Прилеп на 11 август 1957 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1988 година во класата на Петар Хаџи Бошков. Постдипломските студии ги завршил во 1998 година на матичниот факултет, во класата на Драган Поповски-Дада, каде што во тој момент работел како стручен соработник. Од 1988 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија каде што има остварено голем број активности (групни и самостојни изложби). Имал студиски престој во Лондон од 1979 до 1982 година. Живее во Скопје и работи како редовен професор на Факултетот за ликовни уметности.
Изложбата ке биде поставена до 15 август 2016 година

СПОДЕЛИ
Претходна објаваСветската маркетиншка елита доаѓа во Скопје
Следна објаваУметност од книги – страници обликувани како најпознатите ликови
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ