Секогаш постои нешто длабоко во врска со зборовите. Можат да инспирираат, можат да уништат. Мора да се бираат внимателно. Во рацете на експерт, може лесно да изманипулираат, да заробат. Да влезат под кожа, да ја иницираат брзината на циркулацијата, да ни` ги збунат мислите.
Зборовите се секогаш оние кои не` соблекуваат.
Внатре, тие работат во секој агол од нашето тело.
Во продолжение, проследете ја моќната комбинација на зборови селектирана во неколку цитати од „Тунел“ на Петре М. Андреевски. Без никакво должење, доколку сте ја прочитале бидете подготвени да почувствувате мементо набој на емоции – доколку не, ќе добиете нагон за такво чувство. Зборовите се моќни дури и без да им дозволите. Бирајте ги своите внимателно. Слушајте ги туѓите претпазливо.
1.1
    И како што се наближуваме, така се` посилно ми се стега срцето. Па, и дрвото има срце за плачење, а камоли човекот. Тоа дури и секоја година добива ново срце.
   Кога тргнува човек некаде, обично бара нешто што му недостига. И никогаш не знае до кај треба да оди и да застане. Да застане токму до она што му недостига. 
   „Колку повеќе знаеш, толку повеќе ќе страдаш“, велеше мајка. Но, јас знам дека и во несреќата има некаква среќа. Само ако умееш да направиш разлика.
   Не знам кој направил, но беше било така направено: секој да си одбере една страна во животот. Всушност, таа страна друг ни ја одбира, но сите ја засакуваме како сопствен избор. И едни стојат на едната страна, а другите – на другата. И не знаеш кој стои на погрешната страна. А не знаеш, затоа што сите мислат дека се на вистинската. И се гледаат така, сите од својата страна се гледаат. И се мразат и со омразата што ја имаат и кон себеси. Така и се презираат, така и си завидуваат или само се клеветат. А можеби се љубат?
  Луѓето најмногу го осодуваат она што не го разбираат. Зашто, за да бидеш храбар, ти треба и некоја длабока причина. Но и несебична помош од некого. Мене, бездруго, ми треба само неговата помош. Ама тој не го знае тоа.
  Го гледам и си мислам: ќе ми избега човекот во кого секогаш имам љубов колку што ми треба. И колку што и нему му е потребна. Од раце ќе ми избега, си мислам. Да можам, ќе му ја откупам целата оваа несреќа. Но не знам ни како, ни каде. Оти најголем грев е да не преземеш барем дел од туѓото страдање.
  Ете останало, животворната вистина да ја откриеме откако ќе сфатиме дека не можеме да живееме оддалечени од некого. Од некого, без кого не можеме. Како и телото што не може без душата. Така ќе го разберам и тој негов израз. Така ќе дојдам и до едно ново откритие: што би била да го немам него?
  „Знаете, другарке, вели, ние се` тоа ова што го гледаме: цвеќињата, предметите, водата, божествената утринска светлина, снежните облачиња околу сонцето, и се` што мислиме дека е убаво, убаво е само затоа што ние така сакаме. Така е и со животот, вели. Колку повеќе го сакаш, толку и повеќе те исполнува.“
  Да болеше и глупоста вели, во болниците никогаш ќе немаше место. За никакви други болни ќе немаше место…
  Животот е непрокопсан, велеше мајка. А, еве, и сега, така се покажува. Како и да го свртиш, те води кон пораз. Кон оној неизбежен, неминовен пораз. Не можеш кон друг правец да го насочиш. А немаш ни со што да му се спротиставиш. Затоа и не можеш поинаку да го споредиш. Во право била мајка кога го вечеше тоа. Така вели и со животот и така постапува со луѓето. Како ќе се бориш со својот непријател ако го носиш. Ако никаде не одиш без него. 
  Ама и ѓаволот си одбира време за мачење. А и алати со кои најдобро ќе го изведе тоа. Мислам дека сум веќе разглобен, вели, со одделено месо од коските. Веќе не знам кај ми е душата. Дали е се` уште во мене, или се шета некаде надвор. И се чуди каде да застане, вели, за што да се фати. Не знае и за кого работи, вели, ни за кого боледува. А нема тело што живее со две души, па да се прибере во некое туѓо. Туѓото тело е како туѓата куќа, вели, никогаш не си слободен во неа. Гостите и рибите, велат, најбрзо засмрдуваат. Не го велат тоа туку-така, вели…
  Сум чул за луѓе кои влегле во рајот, но само по кратко време, се премислиле. Ќе им се смачи неподносливата едноличност, вели, и ќе се премислат. Дури и ќе се покајат дека никому не му погрешиле. Ќе се кајат за се`, вели. Ќе се кајат дека од никого ништо не украле, дека никому не му опцуле. И дека никогаш не извршиле прељуба, вели, и дека лажно не сведочеле. Па, и дека никогаш никого не убиле. Тие брзо се заситуваат од рајот, вели, и бараат да бидат преместени во пеколот. Никогаш не знаеш што тлее во човекот… Вистина ова никој не го видел, вели, но, сепак, го има во приказните. А штом го има во приказните, значи дека го има и во свеста на луѓето. Зашто и приказните ги раскажуваат луѓе, вели. 
  – Мораш да ме послушаш, вели. Ако остане еден жив, ќе живее и другиот. 
Ова еднаш сум го чула. И дека „треба да знаеш и да умреш“, сум го чула. Како смртта да му бара посебни заслуги, си мислам, ама молчам. Знам дека неговата непопустливост е конечна. За него е сосема безначајно што јас веќе имам двајца мртви. И дека не сакам и тој да е со нив. 
  Зошто, сите си носиме по некоја клетва од некого. А клетвата е поубиствена од самата смрт. Таа не те убива наеднаш, туку секогаш постепено, по делови. Секаде те прогонува и по малку те убива.
фото извор: http://www.rabinowitz-photography.com/

НЕМА КОМЕНТАРИ