Ви претставуваме стан со површина од 55,48 метри квадратни, кој е уште еден убав пример како и во дом со скромни димензии можете да бидете креативни. Станува збор за проект на стан во Киев, Украина, за чија визуелизација заслужна е дизајнерката Елизавета Данина. Амбиентот е гостопримлив, комфорен и функционален, нудејќи идеални животни услови за личност која ги почитува едноставноста, хармонијата и природноста. Ентериерот е уреден во скандинавски стил, а просторот е добро организиран и изобилува со паметни решенија. Внатрешното уредување се базира на максимизирање на светлината и постигнување пространо чувство во станот, преку примена на современи дизајнерски елементи. Доминираат белата боја и дрвените допири, давајќи му топла, пријателска и воздушеста атмосфера на секој агол. Кујната е поврзана со трпезаријата и дневната соба во една целина, а уредени се со комбинација на белата, сивата и сината боја. Секој детал е на своето место, па така клуб-масичката од палети одлично е вклопена со висечкиот лустер и црно-белите слики на ѕидот. Спалната соба е стилизирана со доза на хумор, на сладок и топол начин наспроти студените тонови. Во посебен дел од станот сместено е и симпатично работно катче кое го краси мала вертикална градина. Погледнете ги фотографиите во продолжение и пронајдете ја омилената идеја и за вашиот дом.