Над 300 нови наслови, големи саемски намалувања, промоции и средби со реномирани автори, креативни работилници, проекции, конкурс за краток хумористичен расказ, многу настани и забава, награди и подароци – ова е само дел од она што годинава Арс Ламина публикации ќе го понуди на својот штанд на Саемот на книгата.
Љубителите на добрата книга знаат дека на штандот на Арс Ламина и овој пат ќе ги можат да ги најдат некои од најновите светски бестселери и биографии. На годинашниот саем, Арс Либрис ќе ги претстави и најновите наслови: „Јас сум Малала”, од 17-годишната Малала Јусафсај, девојката којашто се бореше за образование и беше застрелана од талибанците, воедно најмладиот добитник на Нобелова награда за мир; „Д-р Сон”, долгоочекуваното продолжение на безвременскиот бестселер „Сјаење” од мајсторот на хоророт и раскажувањето, Стивен Кинг; „Книга за телото” на филмската ѕвезда Камерон Дијаз – моќен и инспиративен прирачник за секоја жена; „Девојката што го спаси кралот на Шведска”, нов, урнебесно смешен и заводлив роман на Јонас Јонасон, авторот на бестселерот „Стогодишникот кој скокна низ прозорецот и исчезна”; романот „PR” на Александар Илиќ, виртуелна љубовна приказна во една елитна белградска PR-агенција; и многу други.
Наши специјални гости на саемот ќе бидат српските писатели Игор Маројевиќ, автор на романот „Белграѓанки”, кој неодамна беше објавен на македонски во издание на Арс Либрис, дел од Арс Ламина публикации, како и младиот, а веќе многу успешен, писател Александар Илиќ, автор на романот „PR”, кој ќе биде промовиран токму на годинашниот саем.
Во поглед на стручната литература. Арс Ламина веќе има изградено портфолио од над 700 стручни наслови од најразлични области, од право и економија, архитектура и градежништво, до медицина, земјоделство, информатика итн., што на саемот ќе бидат достапни со попуст и до 50%.
Оваа година, Арс Ламина публикации исто така го прошири своето портфолио и во сегментот на детската литература, преку импринтот Либи. Покрај успешниот домашен детски роман „Што сонуваше Дедо Мраз” на Билјана С. Црвенковска, издаден во декември 2014 година, со што како издавач го означивме влезот во светот на детската литература, на саемот Либи ќе се претстави со уште 50-тина нови детски наслови, меѓу кои и копродукциските изданија „Пчеличката Маја”, серијалите „Мачки детективи” и „Замокот на стравот”, како и домашните изданија – серијалите „Дина и Додо”, „Матеј и Луна” и низа забавно-едукативни изданија за различни возрасти. Во рамки на овој сегмент, на саемот ќе бидат организирани средби со авторката Билјана С. Црвенковска, како и разни забавно-едукативни работилници за деца.
Арс Ламина ќе понуди и 80 наслови и производи за основно и средно образование, како и за предучилишна возраст. Тука ги вбројуваме учебниците и едукативно-дидактичките материјали според програмата на Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ, низа ресурсни материјали, како и учебниците за странски јазици (англиски, германски, француски) како ексклузивни застапници на издавачите Cambridge University Press, Huber и Hachette.
По повод Саемот на книгата, редакцијата Арс Либрис, дел од Арс Ламина публикации, објавува и Конкурс за најдобар хумористичен расказ. Избраните раскази ќе бидат објавени на книжевниот блог Литература.мк и во печатена антологија кон крајот на годината.
Ги покануваме сите љубители на книгата, од сите возрасти, да нè посетат на штандот на Арс Ламина!