Да се восхитуваат на прекрасните глетки на околните пејзажи од сите прозорци на дневниот престој и да уживаат седејќи со шолја топол напиток на балконот. Тоа биле двете најголеми желби на сопствениците на оваа планинска куќа на Пиринеите, која е комплетно преуредена и опремена со сите предуслови за квалитетен одмор и опуштање во слободните мигови. За таа намена, поставени се огромни прозорци од кои продира сончева светлина, а ентериерот е комфорно стилизиран со топли рустични завршетоци и пријатни текстили. По својот надворешен изглед не се разликува премногу од останатите куќи во овој предел, со фасада од дрво и камен која делува едноставно и убаво. Но, вистинското богатсво лежи во нејзината внатрешност, опсипана со удобност, свежина и спокој. Скалилата, носечките греди, подот и мебелот изработен од дрво, заедно со меките прекривки, деталите во нежна розова боја и цветните декорации ја прават оваа планинска убавица вистинска оаза за опуштање. Што повеќе можете да посакате? Прошетајте низ нејзините соби и уживајте во глетките на планинската идила!
Пријатна планинска куќа
Оаза од камен и дрво за одмор и опуштање на планина.