Доколку сте љубител на уметноста тогаш на 1 октомври во 19:00 часот бидете во Паркот на франкофонија. Така ќе имате можност да присуствувате на првата самостојна изложба и перформанс на Дороти Пачкова – „Трансформација низ креации“.
Погрешно протолкуваната потребата за доживување на апсолутна слобода преку протест против сите општествени норми и власти не излизгува во индивидуалистичка анархоавтономија, што не води во судир со реалноста и објективната стварност. Оваа ода на прифаќање на адамовиот вресок во нас е праисконската измама на демонот, со која нè свртува против самите себе.
Нè свртува против себе и секое човечко битие, зошто секој човек е Божји пратеник на земјата, а посебно оние талантираните, особено оние чистите по срце… па така војува со Бога за да нè земе во своите воени редови на отпадништвото. Зошто чистите по срце се обдарени со есхатолошки поглед на светот, со благодатните дарови на личното преображение.
Преку самосилното себеобожување нè води кон повлекување во некој вид аутизам, кој претставува симптом на егоцентрично подвојување и одлучувачки нѝ го поплочува патот кон шизофренија, а преку неа и до духовен аскетизам, будејки во нас најдлабока осаменост. Осаменоста, пак, нè носи до ништожност – ништо не постои, ништо не е вистинско, ништо сме. Ништавилото ја брише смислата на животот и сè ни изгледа бесцелно. Кога немаме цел, сè губи смисол и лесно се предаваме на илузии, вештачки раеви, се поклонуваме на идоли со погрешни идеали, се поистоветуваме со светот кој не опкружува и сè понеповратно се губиме себеси. Ровкаме по ѓубриштата, барајќи ја вистината онаму каде ја нема, каде целосно утописки нешта добиваат ореол на топоси, охрабрени од најголемите модерни светски сликари, поети, музичари, режисери… всушност, големи уметници – мали луѓе. Тие далеку пред нас ја барале убавината, смислата… трагале по изгубените раеви низ маргините на оваа космичка провинција, несвесно садејќи го семето на злото во идните генерации, сместувајќи ги заедно со себе дирекно во анусот на овоземното битисување, а со тоа и право во пеколот на оној свет.
Постмодерново општество е општество, кое не го признава и познава Бога, а штом не го познава Бог, лесно бидува изманипулиран од оној од спротива. Бидува жигосуван, прогонуван и измачуван дотолку повеќе, ако е устројувањето на човека такво, да длабоко амбивалентно ги доживува силните животни агенси и постојано е во екстензија на емоциите од најдлабоко разочарување до највисок восхит… и така, сè додека не ја изнајде способноста, со исто таква длабока мудрост, амбивалентно да се однесува и кон сопствените мисли за светот и себе, промислувајќи го сопственото постоење како процес.
Процес, во кој централна оска ќе биде љубовта. Совршената усовршена љубов. Пресоздадена. Не условена. Eлементарна алатка за себеусовршување низ процесот на секој поединец пожелно е да биде креативноста, уметноста…зошто уметноста е создателна, еволутивна…уметноста не транцендентира кон непоимливи височини, уметноста не поправа, уметноста не исправа, не ни дозволува да задремеме во своето ендемско опстојување и не подвојува од анималниот свет носејќи не на престолот на светот и освестувајќи не за едно достоинствено битисување.
Дороти Пачкова