.1.
Mора да се организираме и овој месец да се собереме сите што се дружевме како деца.
Тоа беа последните зборови што јас и ти ги разменивме.
Средбата, која толку долго време ја планиравме, се случи пред некој ден. Но не така како што јас и ти ја замислувавме.
Дојдоа сите, Дејан.
Чичко Перо и тетка Славка, Кристина, Маја, Соња, Игор и Маријана. Таму беа и Васе и Јагода, и мајка ми и татко ми.
Но тебе те немаше.
Кога пред неколку дена мајка ми ми се јави по телефон и ми кажа дека си имал тешка сообраќајка и дека се бориш за својот живот, не можев да поверувам во тоа што ми го зборува. Сe ми личеше на некој лош сон од кој наскоро ќе се разбудам.
Се разбудив и јас како и сите други, но тоа што го видовме донесе со себе незамислива болка и ни ги скрши срцата на милион парчиња.
Другарот со кого што го поминав сето мое детство и човекот со кого што практично делевме апсолутно сe – веќе го немаше.
Останаа само спомените на нашите приредби во Гостивар. Новогодишните забави кои ги организиравме како деца. Игрите кои ги измислувавме додека нашите родители играа оксан.
Останаа и една мисла и вина на совеста – зошто никогаш не најдов време да ти се јавам? Да се напиеме кафе. Да разговараме за детството, за спомените и за работите кои заеднички ги преживеавме. За убавите случки во Гостивар, Пожаране, Скопје.
Сакав да знам каков ти е животот. Дали си среќен? Како ти се децата? Толку многу работи сакав да споделам со тебе, но никогаш не најдов време да го направам тоа.
Размислувам дека секогаш наоѓаме време за лошите работи, а добрите ги занемаруваме велејќи си дека немаме време. Ги гледам твоите родители, пријатели и родинини, како плачат над твојот гроб и се прашувам – како сега најдов време да дојдам да те видам? Зар не можев претходно да го направам тоа?
Можев, но и јас како другите милијарди луѓе на овој свет мислев дека има други, многу поважни работи во животот и дека, кога ќе дојде вистинскиот момент, тогаш ќе се видиме. Сега знам дека вистинскиот момент никогаш не доаѓа. Ние самите треба да го создадеме.
Затоа, Дејан, дозволи ми сега да те поканам на кафе. 
Да ти кажам што ми лежи на душата. Да ги споделам со тебе моите стравови, успеси и научени лекции.
Ти го должам тоа.

Ова нека биде нашето последно кафе.

По незапаметениот успех на „Се гледаме на врвот“ и „Стравот“, кои досега се продадоа во над 8.000 примероци и кои и понатаму се на врвот на топ-листата на најпродавани книги во Македонија, Коста Петров ја објавува својата трета книга. „Нашето последно кафе“ ќе биде претставена пред публиката на 24-ти септември, од 19 часот, пред Книжарницата ТРИ во ГТЦ. Се гледаме таму!

СПОДЕЛИ
Претходна објаваДевојче со аутизам создава прекрасни слики
Следна објава10. Моден викенд Скопје (23 – 27 октомври)
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР