Ако некогаш во детството сте мечтале за чудесна куќа на планина, или можеби се’ уште копнеете за бегство далеку од градот, тогаш подгответе се да ги оживеете вашите најголеми фантазии. Ви претставуваме преубава планинска куќа во близина на Марбеља, која е како кутија полна со изненадувања – однадвор воодушевува со спектакуларната градба инспирирана од карактеристичните андалузиски фарми, а одвнатре мами со смиреноста на нордискиот стил на ентериерно уредување. Полн погодок за опуштено уживање на планина, во идилично опкружување со божествени глетки на пејзажите од шпанскиот југ. Дело е на архитектот Cesar de Leyva, кој во нејзината градба ја прегрнува есенцијата на природата, поставувајќи огромни прозорци кои максимално го доближуваат ентериерот до се’ она што се случува надвор. Собите се големи, пространи, воздушести и светли, обезбедувајќи чувство на комфор, свежина, спокој и релаксација, во тандем со топлите дрвени допири и изборот на меки текстили. Деталите и декорот се лични, автентични и по вкус на сопствениците, давајќи му пријатна домашна атмосфера и индивидуалност на секое катче. Каде попрво да се мине времето? Дали во блескавиот ентериер полн со сончева светлина, или, пак, на живописната тераса со панорама од која застанува здивот? Погледнете ги фотографиите и дадете го вашиот одговор. Прекрасна викенд инспирација!
Планинска куќа од соништата
Божествени глетки на природа и топол ентериер полн со изненадувања.