
,,Pole House’’ e атрактивна куќа на плажа чиј необичен дизајн е заслуга на реномираното австралиско студио F2. Светска популарност стекна како најфотографираната куќа на брегот на Јужниот Океан, а денес се вбројува меѓу иконските домови во Австралија. Лоцирана е 40 метри над плажата, а од неодамна е комплетно реновирана и освежена со нова модерна градба која нуди се’ што е потребно за совршен одмор. Куќата е вистински пример за моќта на архитектурата, во комбинација со единственото искуство на спектакуларната локација. Структурата ја сочинуваат високи лизгачки стаклени ѕидови, чие отворање овозможува прекрасен поглед од дневниот престој: панорамска глетка на океанот, сонцето и ветерот. Висечкиот камин се наоѓа во аголот на станбениот простор, обезбедувајќи топлина и пријатен амбиент во студените зимски денови, или, пак, во вечерните часови. За разлика од бесконечните пејзажи, куќата е со скромни размери и идеална е за престој во деновите од викендот. Содржи пространа дневна соба и трпезарија, спална соба и бања. Кујната, креветот и просторот за складирање се вградени во страничните ѕидови, со цел да се обезбеди што попространо чувство. Бањата е затскриена и го разделува просторот помеѓу спалната соба и зоната за престој. Куќата се наоѓа на врвот на бетонска платформа, што оддава впечаток дека куќата лебди над плажата. Пристапна е само преку тесен бетонски мост, по кој се стигнува до влезот на ова архитектонско ремек дело. Штом го поминете мостот, знаете дека стигнале на посебно место. Погледнете како изгледа!



























