Три кратки филмови на тема ,,Религија” и четири долгометражни филмски остварувања ќе бидат прикажани денес во градското кино ,,Милениум” и ,,Кинотека на Македонија”, во рамки на 17. Скопски филмски фестивал.

sf1

Шестиот фестивалски ден во ,,Милениум” ќе биде отворен со бесплатната проекција на трите кратки филмови на тема ,,Религија”, закажана за 16 часот. Два часа подоцна, на програмата е латвиската драма ,,Луѓето таму ” во 18 часот, а по него следуваат двата филма од програмата за авторски филмови. Во 20 часот ќе биде прикажан последниот филм на францускиот режисер Алберт Дупонтел, со наслов „Девет месеци“, додека како последен во 22 часот најавен е филмот „Моебиус“ на јужнокорејскиот режисер Ким Ки-Дук. Во Кинотеката на Македонија, од 20 часот, ќе се прикаже филмот „Мистериозен воз“, во режија на Џим Џармуш, кој е во рамките на филмската ретроспектива посветена на режисерот.

Луѓето таму / People Out There (2012)

sf2Јан, дваесетгодишник, и неговиот пријател Кракер се вклучени во неколку криминални дејствија во нивното запуштено приградско маало. Откако ќе ја запознае богатата убавица Сабина, тој бара нов почеток во градските кругови, но наидува само на презир. Неговите надежи за љубов, сочуство и поволни прилики се скршени од уште побезмилосните правила на буржоазијата, за на крајот да сфати дека единствениот на кого може да смета е самиот себе.

9 месеци / 9 Months Stretch (2013)

sf3Црна комедија, напишана, режирана и одиграна од лошото момче на француската кинематографија, Алберт Дупонтел (Берни), го исмејува претенциозниот правен систем на Франција. Ариане е амбициозна судијка, посветена на кариерата. Дознава дека е бремена, но не се сеќава како тоа се случило. Открива дека таткото е ситен криминалец кој наскоро ќе се најде во нејзината судница како обвинет. Главен белег на Алберт Дупонтел е прекрасната стилизација, визуелизацијата и предизвикувачки несофистицираната смисла за хумор. На визуелната страна филмот е како Амелија Пулен на стероиди. Во него се појавуваат и оскаровецот Жан Душардин, како преведувач за глуви на телевизија, но со негов индивидуален знаковен јазик и поранешниот монтипајтоновец, Тери Гилијам, како Ханибал Лектор.

Моебиус / Moebius (2013)

sf4Последното остварување на Ким Ки-Дук ни го претставува дефинитивно најизопаченото семејство до сега. Мајката е пијаница, таткото се плетка во неговото помалку од тајно неверство, а нивниот син е кроток молчалив сведок на нивните претстоечки битки. Ким ни претставува делирично луциден филм кој си игра со човечката драма на досега невиден начин. Насилен и брутален, иако психолошката загуба е таа која нанесува најголема несреќа и предизвикува најголемо грчење. Изненадувачки, филмот истовремено може да биде и смешен, на многу чуден начин. Да се пронајде нешто комично во приказна која е преполна со бруталност, зборува многу за умешната режија на Ким и чувство за како тоа да се експлоатира. Моебиус е без каков било дијалог, освен доколку не се бројат збревтањата од болка и задоволство кои ги има многу во секој поглед.

Мистериозен воз / Mystery Train (1989)

sf5Трите приказни „Далеку од Јокохама“, „Дух“ и „Изгубен во просторот“ се одвиваат во Мемфис во текот на иста ноќ, во ист хотел. Филмот ги прикажува деловите на градот кои се во распаѓање преку очите на странци: Јапонски тинејџери, вдовица од Италија и хулиган од Велика Британија. Трите приказни ги спојува хотелот во Мемфис и духот на Елвис Присли. Наводно, првичното име на филмот било „Една ноќ во Мемфис“.

Divianarts.com е член на групата на официјалните медиумски покровители на Скопје Филм Фестивал.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваТренд | Кармини во светли бои
Следна објаваФото на денот | Дрво на животот
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ