Вкупно 60 филма во осум програми ќе бидат прикажани на претстојниот 17. Скопски филмски фестивал што ќе се одржи од 23 до 30 април.

плакат (1)

Лукас Мудисон, Ким Ки-дук, Џиџ Џармуш, Мајкл Гондри, Серен Крег Јакобсон, Веико Оунпу, Фјодор Бондарчук, Улрих Зајдл, се само некои од големите авторски имиња чии остварувања ќе можат да се погледнат на 17. Скопски филмски фестивал. Покрај главната, фестивалот ќе понуди и неколку придружни програми, а ќе го претстави и новото во македонската продукција, но и она што допрва доаѓа.

Оваа година, фестивалот ќе се отвори со руската историска драма, воениот спектакл „Сталинград“ на Фјодор Бондарчук, кој е снимен во најновата 3-Д Имакс технологија. Филмот е авторска екранизација на една од најкрвавите битки во историјата.

sff1

Главната програма носи осум филма, и тоа од Камбоџа, Мексико, Грција, Шведска, Данска, Естонија, Индија и Иран. Три филма во оваа програма своите светски премиери ги имаа на Канскиот фестивал. „Сликата што недостасува“ на Рити Пан од Камбоџа се навраќа на стравотиите за време на владеењето на Црвените Кмери. Филмот е добитник на награда во програмата „Извесен поглед“.

Мексиканскиот „Хели“ беше прикажан во конкуренција за „Златна палма“, а ја освои наградата за режијата на Амат Ескаланте. „Хели“ е приказна за љубовта, но и за војната за дрога и за генерации уништени деца кои не можат да побегнат од тој пекол. Иранскиот, пак, „Манускриптите не горат“ на Мухамед Расулоф ја освои наградата на критиката „Фипресци“. Станува збор за политички трилер, кој е направен според вистински настани поврзани со државната цензура за политички убиства.

Во оваа програма е и грчкиот филм „Госпоѓица насилство“ на Александрос Авранас, кој освои награди за режија и најдобра машка улога во Венеција. Тоа е филм кој се осврнува на сексуалната злоупотреба на деца во семејството. Потоа, индискиот филм „Ланчбокс“, инаку деби на Ритеш Батра, кој зборува за вечните теми, како осаменоста и потребата на луѓето да се поврзуваат меѓусебно. Па „Ние сме најдобри“ на Лукас Мудисон, кој се навраќа на 1980-тите преку приказната на три тинејџерки и нивниот панк-бенд, се до „Слободна зона“ на Веико Оунпу од Естонија, инаку еден од најдобрите филмови годинава во Берлин, како и „Часот на рисот“ на Серен Крег Јакобсон кој се смета за еден од најконтроверзните.

sff2

Во Програмата на авторски филм најпрвин да го претставиме Ким Кидук и неговиот „Моебиус“, кој овој пат е целосно без дијалог додека го сецира најизопаченото семејство досега. Во оваа програма има и неколку ексцентрични црни комедии и сатири, и тоа: „Вештерките од Зугарамурди“ на култниот шпански автор Алекс де ла Иглесија, која во стриповски манир ја раскажува приказната за малерозните крадци, потоа филмот „Влажни места“ на Давид Вент, најконтроверзниот филм на овогодинешниот филмски фестивал во Санденс и францускиот „9 месеци“ на Алберт Дупонтел, кој го исмејува претенциозниот правен систем на Франција.

Јас, лично јас и мајка ми“ е уште еден француски филм во оваа програма, во кој режисерот Гијом Галиен се игра себеси и на уникатен начин ја истражува сексуалноста и половите. Овој филм освои 6. награди „Цезар“. И, тука се и двата необични филма кои привлекоа големо внимание во Берлин, „Дали човекот кој е висок е среќен“, во кој Мајкл Гондри прави интерју со Ноам Чомски, а вториот е „Киднапирањето на Мишел Уелбек“ на Гијом Никло.

Покрај овие две главни програми, фестивалот ќе понуди „Ретроспектива“ на Џим Џармуш од шест филма, меѓу кои ќе се прикажат: „Постојан одмор“ (1980), „Почудно од рајот“ (1984), „Надвор од законот“ (1986), „Мистериозен воз“ (1989), „Ноќ на земјата“ (1991) и „Мртов човек“ (1995).

sff3

„Во фокусот“ годинава е австрискиот режисер Улрих Зајдл со неговата „Трилогија: Рај“ поделена на „Рај: Љубов“, „Рај: Верба“ и „Рај: Надеж“.

Годинава повторно програмата насловена „Eye on Films“, која нуди четири дебитантски дела. Имено „Eye on Films“ е уникатна глобална мрежа на филмски професионалци, која се фокусира на селекција и дистрибуција на дебитантски филмови во светот. Станува збор за филмовите од Латвија „Луѓето таму“  на Аик Карапетијан, потоа за италијанскиот „Утринска ѕвезда“ на Софи Блонди, кој беше номиниран во Сао Паоло, Торино, Ротердам, па францускиот „Интимна политика“ на Јамини Лила Кумар и холандскиот „Тивките“ на Рики Ринеке, кој освои две награди во Лече.

Програмата на кратки филмови содржи десет остварувања на тема „Секс и религија“. Инаку, од годинава Скопскиот фестивал ќе започне соработка со ФДУ, во чии рамки на фестивалот ќе бидат претставени студентските филмови. Оваа програма годинава содржи дури 17 филма од кои десет документарни, а седум играни. На тој начин фестивалот ќе се обиде да ги промовира филмовите на најмладите автори, но и да им даде можност да го валоризираат својот труд  токму онаму каде што треба, во киносала и пред публика.

sff4

Фестивалот ќе се затвори со новиот филм на Ралф Фајнс „Невидливата жена“, кој ја раскажува приказната за тајната љубов на Чарлс Дикенс. Во филмот играат: Ралф Фајнс, Фелисити Џонс, Кристин Скот Томас, Том Холандер и други.

Селектори на програмата се Сунчица Уневска, Татјана Јаневска и Владан Петковиќ.

 Divianarts.com е  член на групата на официјалните медиумски покровители на Скопје Филм Фестивал.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваИдеи за свадбен маникир
Следна објаваУбавина и комфор во 35м2
Пилотот кој раководи со летот кој ја открива креативната страна на животот е вечен поддржувач на широката палета уметности, со хиперактивен печат. Без ефект на изненадување поради уметничкиот допир од мали нозе и израснувањето во семејна атмосфера на вистински уметници прават од него модерен боем, шармантен екцентрик, вистински гурман, патувач и трагач по креативитет низ секој агол на планетата. Затекнат во маркетингот и односите со јавност, не успева да се оддели од креативниот максимум во секоја сфера на живеењето.

НЕМА КОМЕНТАРИ