Исклучително оригинален и креативен дизајн на ентериер се крие меѓу ѕидовите на елегантниот и модерен стан сместен во срцето на Будимпешта, Унгарија. Поткровјето е во центарот на градот, располага со вкупна површина од близу 200 метри квадратно, а во сопственост е на Shay Sabag, кој е и главниот ,,виновник” за неговиот уникатен дизајн. Вистински предизвик е да се дефинира и ограничи во еден карактеристичен стил се’ она што како целина може да се открие внатре, бидејќи несекојдневниот ентериер изненадува со необичен микс од цигли, бетонски површини, изложени метални цевки, дрвени греди и стакло на едно место. Освојува со шармот на еклектичниот стил – актуелен тренд во модерниот дизајн кој ја прегрнува комбинацијата на повеќе различни стилови истовремено, спој на неспоиви материјали и внес на неочекувани елементи во уредувањето на просторот. Во ова фасцинантно издание, старото и современото се спојуваат на деликатен начин. преку контрасна игра со модерни и винтиџ детали, совршено вклопени во опкружувањето со нагласена индустриска нота. Просторот е со изразена урбана димензија, а секое катче освојува со својата впечатливост, почнувајќи од прекрасно уредената пространа дневна соба, импресивната библиотека со катче за читање, па се’ до магичната спална и кокетната винотека. Секое од нив е облагородено со внес на внимателно избран мебел, уметнички декор и мноштво ситници со софистицирана убавина, кои не само што го разигруваат и му даваат топлина на просторот, туку и се издвојуваат како занимлив и елегантен акцент во контраст со сивилото од бетонот. И покрај големата површина, умешно е задржано и чувството на интимност и пријатниот амбиент, како предуслови за удобен  живот на секојдневна основа.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваПравила за однесување во бар
Следна објаваFrancisco Lachowski | Бразилски шармер
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ