Тиркизно сина, индиго сина, маринско сина или тегет – фасцинацијата од сината, како ретко каде освојува во овој пријатен дом, исполнет со многу варијации на сина боја. Внесена е детално и со особено внимание посветено на декоративните допири, и ја има буквално насекаде во домот. Ниеден сегмент од куќата не е без сино обележје, почнувајќи од надворешното уредување и впечатливата фасада, па се’ до најситните детали и украсите во ентериерот. Во внатрешноста, играта со различните нијанси на сината боја овозможува умешно да се избегне монотонијата во просторот, а во собите искомбинирана е со белата боја, и избор на топли и неутрални пастелни нијанси за опкружувањето, како беж, крем, капучино и сиви тонови. Ваквиот спој не само што му дава светол и лежерен амбиент, туку и исклучително елегантен и префинет изглед на домот, во кој се’ е подредено на чувството на удобност, комфор и релаксирана семејна атмосфера. Секое катче е специфично по својот шарм, а сепак заедно со останатите совршено се вклопува во убавата компактна целина со сина нитка. Единствената просторија, која, сосема разбирливо, тематски се разликува од останатите е детската соба, која е разиграна со внесот на весели и живи бои, и е прекрасно уредено таванско катче, инспиративно само по себе. Куќата е топол семеен дом, преуреден и редизајниран со многу љубов и посветеност на брачната двојка сопственици, при што во ентериерот умешно се искомпонирани класиката и современиот дизајн, со традиционални и модерни допири во уредувањето, и суптилни украси сочинети од нежни декоративни детали и свежа цветна нота. Обезбеден е продор на природна светлина од големите прозорци, крај кои се поставени главните позиции за седење во дневниот престој, како и релаксираното катче за читање. Несекојдневно убава инспирација во сина боја…