00

Умереноста при изборот на бои, како и внимателноста кога се материјалите и деталите во прашање, се покажале како совршен концепт при уредувањето на оваа прекрасна летна куќа за младо норвешко семејство. Деликатниот спој на белата боја, земјените тонови и пастелните нијанси, во тандем со префинетоста на декоративните финеси му дава на ентериерот блескав и елегантен, а истовремено нежен и лежерен изглед. Куќата е реновирана градба од шеесетите, која не само што воодушевува со убавиот дизајн, туку и максимално функционално одговара на потребите за престој на двојка со три деца. Топлата семејна атмосфера е нагласена во секое катче, а внатрешноста на куќата е полна со романтични украси, архаичен мебел, дрвени допири со рустична нота, но и цветни детали кои умешно внесуваат свежина во секој простор. Се’ е смирено, опуштено и со релаксиран амбиент, а сепак толку раскошно и богато, гарантирајќи хармонија и задоволство во одморот на сончевата Марбеља. Дневниот престој располага со две позиции за седење – една крај каминот и една до прозорецот, издвоени меѓу себе со позицијата на трпезаријата. Омиленото катче на кое најмногу му се радува семејството, а особено децата, е кујната, па затоа не изненадува поставената гарнитура за седење и во кујната, под драматичниот дрвен прозорец од кој продира изобилство на природна светлина. Спалните соби се единствените кои отскокнуваат со палетата бои, каде прекривките и деталите со колоритни акценти не само што oдлично се вклопуваат, туку и му даваат динамика и игривост на просторот. Животот надвор е нешто што Норвежаните исклучително го почитуваат, па затоа со особено внимание е уредена и живописната градина со базен, на која подеднакво децата и родителите уживаат во текот на целиот ден. Летна куќа од мечтите, зар не?

01

02

03

04

05

06

07

08

09

10

11

12

13

14

15

16

17

18

19

20

СПОДЕЛИ
Претходна објаваВалета | Бисерот на Малта
Следна објаваНишто како летото!
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ