Потребна била една деценија посветена работа и труд, за старата, но добро сочувана куќа од 19-тиот век, целосно да се преуреди, и прилагоди на потребите за удобен живот на младо семејство со три мали девојчиња. Резултатот денес е неверојатно убав семеен дом, како пресликан од детските мечти, со стара романтична градба, опкружен од живописната природа, магијата на селската идила и аромата на летото, која се вдишува во секое катче од оваа идилична куќа. Желбата да им обезбедат мир, хармонија и спокојно детство на нивните деца, ги навела Bolzan Sabine и нејзиниот сопруг на радикален потег – да го напуштат градскиот метеж и бука, и да се повлечат во убавините на шпанската провинција, во потрага по дом за нов почеток. Ја пронашле оваа куќа, опколена со дрвја, лозја и грст светлина, и во наредните 10 години со многу вкус и љубов ја уредувале и украсувале, инспирирани од амбиентот на надворешноста. Внатрешноста на домот е ,,облечена’’ во топлината на беж, кафените и сивите тонови, како и меките памучни и ленени материјали, допири од дрво и стари ткаенини. Светлината продира во секој простор, а секоја соба е засебно уредена, со различен дизајн и приказна, па така, некои се исклучиво класични, некои рустикални, но како целина се компактни и заедно формираат несекојдневно пријатен спој на стилови. Мамат воздишки домашната библиотека и љубовта кон читањето, изразено воочлива во деталите, како и цветните декорации и суптилните украси, давајќи и дополнителен сјај и шарм на оваа визуелна бајка. А кога ќе се излезе надвор, најтешко е да се пресуди дали магичните пејсажи, или, пак, преубавата цветна градина со тераса, е она што повеќе воодушевува и инспирира. Неодолив дом од соништата за неговите сопственици, во кој царуваат детските мечти и љубовта кон животот.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваМесечината – најблиску до Земјата
Следна објаваКога се откриени основните парчиња од нашата гардероба?
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ