
Велат сè е до деталите, а тука ги има многу и насекаде, исползувајќи го најдоброто од креативните визии на сопствениците, стилистката Dafne Vijande и уметникот Carlos Arriaga, а совршено надополнувајќи ја позитивната енергија со која ја исполнуваат куќата нивните четири деца. Секој агол и простор изнудува насмевка и оптимизам, со пријатниот амбиент, свежината, топлината и радоста на живеењето со кои зрачи. Ентериерот испреплетува неколку различни стилови и приказни, традиционален и модерен дизајн, а секое катче е автентично и посебно, оригинално уредено и прилагодено на вкусот и потребите на оние кои во него престојуваат. Така, дневната соба со еклектички шарм е во неутрални, меки и суптилни тонови, комбинација на бела боја со кремасти нијанси и портокалови акценти, допири од дрво и бамбус, и мноштво впечатливи детали, украси и уметност на ѕидовите. Во уредувањето умешно се споени декоративното и функционалното, со неколку исклучително интересни и инспиративни идеи. Особено креативно решение е симпатичното означување на предметите и содржините во домот и градината со соодветни имиња и називи. Делува естетски и декоративно, а патем е многу практично и функционално за организација, особено во дом со толку деца. А кога се децата во прашање, ним им е посветена веројатно најшарената и најмагичната површина – прекрасниот двор кој е идеален за детска игра. Тука е и пространата тераса за прослави и собири, или, пак, за релаксирано уживање на семејството во сончевите денови. Живописниот двор е засаден со многу зеленило и дрвца, а има и мини градина со јаготки, мента и зачини, како и мало богатство од колоритни детали и украси, па веројатно не постои човек кој би можел да одолее на ваква убавина.







































