Со богата понуда од филмски наслови, меѓу кои и најновите остварувања на еминентни имиња од светската кинематографија, започнува уште едно, 16-то по ред издание на Скопскиот филмски фестивал. Осумдневното празнување на седмата уметност во метрополата трае од 19 до 27 април, а влубениците во филмската магија проекциите на овогодинешните фестивалски адути ќе може да ги проследат во салите на градските кина ,,Милениум’’ и ,,Рамстор’’.
За пасионираните љубители на естетиката и емоциите кои ги испорачува филмската уметност, 16.Скопски филмски фестивал нуди ретка можност за секојдневно патување низ различните светови и авторски визии, или откривање на нови неверојатни животни стории и ликови, искусувајќи го најдоброто што филмскиот хоризонт го нуди во моментов, a спакувано во примамливата и сеопфатна фестивалска програма. Квалитетната селекција на филмови од домашна и странска продукција е распределена во главната програма, програмата на авторски филм, документарни филмови, краткометражни филмови и македонски краткометражни филмови.
Главната програма е во знакот на најновите филмски остварувања, повеќето учесници на познатите светски фестивали и наградени или номинирани за престижни филмски награди. Премиерно ќе биде прикажан последниот филм на шпанскиот оскаровец Педро Алмодовар, комедијата ,,Многу сум возбуден!’’. Меѓу останатите наслови се и ,,Насилство 2’’ на Такеши Китано, Гас ван Сант со „Ветена земја“, „Седум психопати’’ во режија на Мартин МекДона и со Колин Фарел во една од улогите, „Кралска афера“ на Николај Арсел, како и минатогодишниот учесник на Канскиот фестивал „Кралството на месечината“ , режиран од Вес Андерсон. Тука се и ,,Хајд парк на Хадсон’’ на Роџер Мишел и ,, Лов’’ од Томас Винтерберг.
Програмата на авторски филм, пак, го нуди контроверзното филмско дело на американскиот режисер Хармони Корин ,,Пролетен распуст’’ со популарните Џејмс Франко и Селена Гомез, а своја проекција ќе имаат и чилеанската историска драма ,, Не’’ од Пабло Лареин, Теренс Нанс со ,,Поедноставувајќи ја нејзината убавина’’ и ,,Перверзен водич во идеологијата’’ режиран од Софи Фајнс. Дел од програмата е и рускиот филм ,,Предавство“ , во режија на Кирил Сребреников, со главните улоги доверени на македонскиот актер Дејан Лилиќ, и неговата германска партнерка Франциска Петри. Филмот беше премиерно прикажан минатата година на фестивалот во Венеција, а македонските филмски гледачи ќе имаат можност да го проследат на последниот фестивалски ден.
Македонската продукција и копродукција на овогодинешното издание на Скопскиот филмски фестивал е застапена исклучиво во краткометражните филмови, и тоа во 4 филмски проекти : ,,Игра и спас’’ режиран од Горан Тренчовски, македонско-норвешката копродукција ,,Шумарот’’ во режија на Изер Алиу, ,,Кружно патување на сенката’’ од Жарко Иванов, и македонско-бугарската соработка во ,, Шшшт… Запеј ми!’’ на Андреј Волкашин и Петар Влчев.
Отворањето на фестивалот е резервиранo за српскиот филм ,,Кругови’’, повеќекратен добитник на награди во режија на Срдан Голубовиќ. Филмска сторија базирана на вистинит настан, во која се испреплетни моралните дилеми, константната борба на доброто и злото, и простувањето како акт на спасување на сопствената душа. Раскажана е во поствоен контекст и со ликови од секојдневието, кои умешно ги толкуваат одличните Александар Берчек, Небојша Глоговац, Леон Лучев, Вук Костиќ, како и останатите членови на актерската екипа. Светската премиера на „Кругови“ се случи на фестивалот Санденс оваа година, а со неговото претставување пред скопската публика и официјално се означува стартот на уште едно неверојатно осумдневно филмско искуство.
Comments are closed.