1Кога веќе не може да се наситиме на делата напишани од незаменливиот Николас Спаркс, да и посветиме внимание и на неговата женска алтернатива: авторката Лурлин Мекдениел, со нејзината срцепарателна Роза за Мелинда. Нестандардно раскажана, преку низа писма, меилови и пораки, дури и лекарски белешки, креативноста на оваа приказна ќе делува на Вас исто како да се активен/пасивен партиципиент во истата сторија. Не срамете да потклекнете на емоциите – доколку тоа Ви претставува проблем, тогаш одминете го овој наслов. Во спротивно, вооружете се со хартиени марамчиња.

Спој од емоции чија тажна тематика го гарантира лесниот тек на прочитаните страници – инволвирањето во дневникот на Мелинда можеби на старт ќе Ви се чини како сладок престап, но природата на човековата душа едноставно не може да отстапи место на моралниот суд и човековата ненаситна љубопитност. Таа имаше една желба: да биде балерина. Тој, исто така, имаше една желба: да биде со неа. Од искрените училишни денови до тежината на преселбата, од детските сни до амбициозната реализација оваа книга ќе Ви стане секојдневен приврзок. Но, и покрај оваа констатација, не секогаш се исполнува она што го сакате… со силата на сопственото битие, и покрај неизлечивата болест, соништата не се напуштат. Прва изведба на балет и прва роза, од Џес за Мелинда. Соединение на надеж и љубов, вечна инспирација за потхранување на гладот на неверниците во тие две категории. Кога се работи против Вас, верувајте дека целата вселена (спротивно на Коелјо), се обидува да Ве тестира дали Вашата кауза е доволно вредна за да ја следите! И колку поддршката и вербата во Вас од околината може да влијае врз следењето на сонот; тага во секој можен облик, беспомошност и агонија поради судбинската предодреденост на однапред изгубените битки, на чело со љубовта како знаменосец во чија придружба се движи и преостаната надеж во Пандорината кутија. Надеж префинето да зачекори под рефлекторите во балетот…

Неприфаќањето на однапред зацртаната судбина е главна одлика на животната приказна на Мелинда: непокорлива волја за живот, волја за љубов и исполнетост – тоа е тоа што ни додава живот во годините, а не обратно! Искористувањето на секоја минута за уживање, секој миг за да им покаже на блиските колку и значат без да потклекне на стравот или откажувањето. Оваа балерина е девојка за пример, девојка која важи за репер на однесување во било која животна потешкотија.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваПролетна машка мода
Следна објаваФото на денот | Рибарење
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ