На денешен ден е роден Горан Стефановски, еден од најголемите уметници на овие простори. Пред три и пол тој ја напушти оваа земска димензија, но останаа неговите дела и мисли да ги цитираме и постојано да се навраќаме на нив. Зарем има човек во Македонија кој во најмала рака не чул за „Диво месо“ или „Лет во место“? А можеме и со часови да зборуваме за другите драми како „Дупло дно“, „Демонот од Дебар маало“, „Тетовирани души“, „Хај-фај“, итн.

Тој е автор и на детската серија „Бушава азбука“, серија со која пораснаа многу, многу генерации, вклучувајќи ме и мене. Иако би можела да пишувам многу за неговата биографија, сепак верувам дека најубав начин да се слави и да се спомнува животот на еден уметник е преку споделување на неговата уметност и неговите дела, па затоа одбрав неколку од моите омилени мисли од Горан кои денес ќе ги споделам на блогот. Затоа што нема подобар начин да ја славиме неговата величина од тоа да ги споделуваме неговите мисли, реплики, дијалози…

„Одбивам да сум жив по инерција, да дишам на шкрги. Одбивам да чекам како јаре пред Ѓурѓовден, како свиња пред Божиќ. Одбивам да шетам со цревата во раце, да гледам како нестручно ме оперирате, сечете и шиете, како ми гнојат раните и да се прашувам колку ли ќе ме боли кога ќе дојдам на себе. Не сакам седативи. Не сум купче протоплазма. Имам волја и разум и ја преземам одговорноста за својот живот.“

„Дупло дно“

„Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана.
Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен како змија да го полазила.
Кога е внатрешно раселено лице. Кога „т’гата“ не е поради отсуство туку поради присуство.
Кога седи среде куќи, а не може да си ја препознае домата.“  „Приказни од дивиот Исток“

„Веројатно сум сè уште многу млад штом во немите полноќни часови добивам необјасниво силна желба да станам од кревет и да трчам, долго да трчам, низ заспаните, влажни улици.“  „Конзервирани импресии“

„Алтана: Не се живее вака. Милиони живеат во бункери, ѕиркаат надвор низ нишан од снајперки. Нема живот ако човек мисли дека сите се против него, дека светот е една голема завера. Во светот има и љубов и добрина и чесни луѓе. Ние мислиме само ние сме расселени. Сиот свет е расселен. На сите нешто им недостасува. Сите мислат дека се на крајот од светот. Земјата е тркалезна, каде и да тргнеш, секогаш си на раб.
Југот не го сака Север. Исток Запад. Европа не ја сака Америка, Ирска Англија. Прилепчани не се мирисаат со битолчани, во еден град не се поднесуваат две маала, во едно маало две згради, во една зграда закрвени се два влеза, во еден влез два стана, во еден стан две фамилии, во една фамилија двајца луѓе, а и тие двајца се мразат самите себеси.

Каде води тоа? Ако е така, тогаш нема спас. А, без спас нема живот. А, без живот нема ништо. Има смрт.“ – „Тетовирани души“

Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино.“ – „Диво месо“

„Не сакам да те навредам, но морам да кажам. Ти си бивш човек. Ти си најдобар човек на светот, но ти си бивш човек. Тоа не е критика. Тоа е факт. До овде ми е од бивши луѓе. Бивши држави. Бивши љубовници. Бивши адреси, телефонски броеви. Бивши пасоши, лични карти, сведителства, изводи од матично. Бившо турско, бившо каурско, прво спрско, второ бугарско, Тито-Партија, стабилизација, Меѓундароден монетарен фонд. Вака било, онака било. Кој знае како било? Онаму имало офицерски дом, онаму банки, сите живееле сложно и весело и се држеле за раце и играле оро и пееле песни. Што имам јас од тоа? Не сакам бивша иднина. Што ме боли мене за вашата жал за младост.“ – „Демонот од Дебар Маало“

Илустрација на Зоран Кардула

“Затоа што сум жив”. Вам ви е сеедно. Луѓето копнеат да умрат. Основните копнеат да станат гимназијалци, гимназијалците студенти, студените копнеат да најдат работа, вработените да се оженат, оженетите копнеат по стан и да им пораснат децата за да можат мирно да се пензионираат, пензионерите копнеат по здравје, а сите копнеат да умрат и мртви копнеат повторно да се родат за пак да се условно живи, во нов расчекор со себе.”  – „Дупло дно“

„Не ме боли газот за народните права, ниту народот ги заслужува, ниту може да ги има, ниту ако ги добие ќе знае што да прави со нив.“ – „Лет во место“

„Чекам веќе десет часа, а неа ја нема. Да знам дека ќе дојде, воопшто не би ја чекал.

”Конзервирани импресии“

„Горд сум на нашата жилавост. И покрај сиот нарушен идентитет, заврзани раце, крпа во уста, обезличеност и распарченост, жив сум и гладен сум за живот. Знам дека ме има според нападите со кои работат да ме снема. Знам дека сум според упорноста со која се трудат да не сум. Мојата жилавост излегува од аванот во кој ме толчат и тиганот во кој се крчкам. Токму тој аван и тој тиган се моите места на моќ.„

„Има помалку души одошто луѓе. Знаете ли тоа? Има повеќе тела одошто души. Па една душа опслужува повеќе тела. Душите се како кучиња. Сакаат да се блиску до господарот. А вам ви е гајле. Ги пуштате да гладуваат, да лутаат неспокојно.“ – „Жив човек

Димитрија: Ќе има војна… Ќе има војна…..
Марија: Доста беше и ваков мир.“  „Диво месо“

„Иако не ви е неопходна таа книга која продавачките одбија да ви ја причуваат, а која пред малку ќе ја купевте да имавте доволно пари, иако е, можеби, веќе продадена, иако книжарницата набргу се затвора, па е малку веројатно дека ќе стигнете на време, вие неутешно трчате низ вечерната толпа и не се осмелувате да помислите што ќе се случи ако останете без неа.“ – „Конзервирани импресии“

„Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.“ – „Тетовирани души“

„Ебави младоста. Сè ќе запустите. Не признавате ни ѓавол ни бог. Немате ред ни во главите, ни во телата. Сè на своја рака… со првиот ветер како муви без глава… мислите сè што лета се јаде. Европа ве бара! Ѝ се прди на Европа за вас! Воздивнувате по Германија, а таткото што ги изгубил нозете да направи куќа е помија кој не знае два и два. И им пречи на Европјаните да прават кариера! Не знаете да се чувате… живеете на вересија…. ќе загинете по некои дупки… ќе ве изедат пајажини… Името ќе ви се затре, коренот ќе ви се запусти, трага нема да остане од вас! Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење!“ – „Диво месо“

„Нѝ треба макотрпна работа за да ја утврдиме и ускладиме нашата автентична и суверена приказна.
Нѝ треба востание на визија, волја и ум; на упорен труд, медиумска лукавост и преговарачка вештина.
Државите се прават со жртви и крв, но се чуваат со работа и памет.“ – „Приказни од дивиот Исток“

Тука можете да го прочитате неговото прекрасно писмо за внука му Калина.
Тука можете да го прочитате неговиот одличен текст „Пофалба на обратноста“.

Извор:Кафе и книги

НЕМА КОМЕНТАРИ