Во продолжение е дадениот избор од поезијата на Ирена.
Да не се лажеме
Да не се лажеме
Тесно ни е
Во чевли
Од крокодилски солзи
Направени
Со нив
Не се игра Тешкото
Ниту лежерен танц
Да не се лажеме
Кога не умееме
Во туѓи чевли да влеземе
Едноставно е
Не се нашиот број
Па ги полниме со камења
Сопственикот
Жива кал да го голтне
Ајде да не се лажеме
И чантите по највисока мода
Ги кријат ниските удари
Што ни ги приредиле
Во влажните марамчиња
Шмркни
Па насмеј се
За селфиии
Огледалото го свртевме кон себе
За да се видиме однадвор
Чкрап
Во некрополата од аплаузи
Веќе во наредниот миг
Луѓето заборавиле
Кому и зошто аплаудирале
Секој невидлив бокс
Покриен е
Со непотребен ботокс
Насмевки
Од кои кловнот се смее
Но и се плаши
Ќе остане без работа
Во онаа долината.
Како ли се викаше
Морам сама да се сетам
Ако не
Ќе ја исперат
Оваа амигдали
Па ќе ја сушат
Под темни сонца
Така може да биде
Со сите наши потреби
Од среќа
Можеби затоа
Сакаме да се лажеме
Зашто во неа
Е последната надеж
Дека се’ уште можеме
Да се кренеме
Со сопствени нозе
Без да влеземе
Во туѓи чевли
А во вистинска песна
( Павлова)
Ирена Павлова – Де Одорико дипломирала и магистрирала на Општа и компаративна книжевност на Универзитетот Св. Кирил и Методиј на Филолошкиот факултет Блаже Конески во Скопје. Тезата е своевиден манифест под наслов: ,,Помеѓу автобиографијата и фикцијата или патот од автобиографското до психобиографското врз примери од творештвото на Силвија Плат, Радмила Трифуновска, Евгенија Шуплинова и Даница Ручигај.
Работела како новинар во повеќе списанија и медии во сектор за култура, а со иста дејност се занимаваше и повеќе години во редакција за култура на ТВ Телма во Скопје.
Во 2001влегува мегу десетте финалисти за Европа за наградата: „Рома – Тиволи- Европа“. Истата година учествува на Светскиот поетски фестивал, Венециското биенале,од каде е селектирана во светската поетска антологија под наслов: „Специјална едиција на Венециското биенале“.
Ирена Павлова – Де Одорико живее и работи во Венеција, Италија, каде неизоставно ја претставува македонската култура. Член е на Друштво на писатели на Македонија од 2001 година.
Нејзините песни се застапувани во многу наши и светски антологии.
Од 2015 – та активно твори и на македонски и на италијански јазик.
Дела:
Велзевул, поезија, 1999 година;
Номад, поезија, 2000 година;
Новата Ева, поема, 2001 година;
Деколте, поезија, 2004 година;
Од другата страна на животот, есеи за Силвија Плат, 2010 година;
Новиот човек, проза, 2011;
Антологија на заборавените македонски поетеси: Шуплинова, Ручигај, РадмилаТрифуновска, 2013 година;
,Пенелопа. нет, поезија, 2016 година);
Пенелопа во Венеција, поезија,2016 година)
Љубовта на Марија од Магдала, поема, 2017 година;
Просветлени песни, поезија, 2018 година;
Подстанарка, роман, 2019 година, овој роман е ореведен на италијански јазик.
Извор:Википедија