На 3 април 2023 год. во Културно Информативниот центар – Скопје,( Салон 19.19) со почеток во 19.00 часот, ќе се реализира промоцијата на книгата „Ѓорѓи Доневски – доајен во зачувувањето на фолклорното творештво од Егејска Македонија“ од проф. д-р Наташа Диденко, виш научен соработник при Институтот за национална историја − Скопје.

Рецензенти и промотори на книгата ќе бидат, проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска и Мишо Китановски.

Книгата на проф. д-р Наташа Диденко е прво монографско претставување на придонесот на Ѓорѓи Доневски во откривањето, запишувањето, негувањето и презентирањето на богатото фолклорно творештво на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Авторката на книгата ни открива дека творечкиот истражувачки потфат на Ѓорѓи Доневски, кој го започнал во 70-тите години на XX век, е од исклучително значење за македонската фолклористика, етномузикологија и културна историја, бидејќи на македонската научна и стручна јавност за прв пат ѝ ја открива вредноста и автентичноста на ова неизмерно богато музичко и фолклорно наследство на македонскиот народ. Резултат на неговата огромна истрајност, посветеност и педантност во етнографското истражување на народното музичко творештво од Егејскиот дел на Македонија е збирката прекрасни песни „Сокол ми лета високо“, во кои се вбројуваат и песните „Твоите очи Лено мори“, „Бело лице љубам јас“, „Тивко Мирка си заспала“, „Огреала месечина“, „Чупче од онака“, „Сокол ми лета високо“ и низа други песни што и денес се пејат од бројни групи и изведувачи. Ѓорѓи Доневски беше иницијатор и главен двигател во развојот и дејноста на КУД “Гоце Делчев”, каде за прв пат беа поставени и изведувани песни и ора од Егејскиот дел на Македонија, како и на женските вокални групи „Бапчорки“, „Воденки“, „Мегленки“ и „Сирма“.

 

Наташа Диденко е виш научен соработник/вонреден професор на Институтот за национална историја-Скопје. Нејзиното поле на истражување опфаќа теми од областа на културната историја и музикологија.

Проф. др Наташа Диденко

Автор е на повеќе научни трудови,меѓу коишто и монографијата „Развојот и дејноста на музичките културно-уметнички организации и манифестации: Музички културно уметнички организации, т.1. (2019).

Фејсбук настан на ЈУ Културно информативен центар – Скопје.

 

 

НЕМА КОМЕНТАРИ