На 6-ти септември во Салон Империјал 2′ во Културно-Информативниот Центар-Скопје, ќе биде отворена изложбата „Акварели“ на уметникот Илија Маџаров.

За сликарството на Маџаров, Никола Пијанманов ќе истакне;

? Има нешто прозрачно во сликите на Илија Маџаров, нешто кое како стакло остро, рентгенски ги созерцува појавите и објектите во светот. Прашањето е дали уметникот одвнатре ги согледува нурнувајќи се во нивната слоевитост или само отстрана, мудро ги набљудува, доловувајќи ја нивната транспарентност, како што тоа често го правеа постимпресионистите. Дали е содејствувач, учесник во трагите на просторот, или е само минувач кој откако ќе го анализира и наслика својот пејзаж и модел, тој го напушта засекогаш, избегнувајќи ја опасноста да стане дел од него. Често субјективното доживување на светот во сликарството носи оригинални импровизации, фантастични насоки и стилски откровенија. Но, објективното согледување на стварноста, е гаранција за длабока и темелна опсервација. Реалното е само подлога во која ќе ги зашиеме конците на нашите идеи, мечти и фантазии.

? Сликите на Илија, посебно неговите акварели и гвашеви на хартија, се насликани брзо и без двоумење. Но, затоа на овие слики им претходи долго осознавање на мотивот и претходно истражување. Тоа е видливо во сигурноста на градењето композиција и простор. Јас мислам и верувам дека тој го љуби пејзажот кој го слика, цвеќето, мртвата природа која ја поставува или ја наоѓа готова, поставена некаде во просторот. Љубов кон неговото езеро, водата од детството, небото и зајдисонцата од родниот крај. Осамен чамец кој плови, бродот кој потсеќа на поетиката на Артур Рембо. Немирните зори и заоѓања. Овој сликар ги сака нештата кои ги твори. Критичкиот поглед на светот и неговото устројство го остава за некои други времиња, други автори. Велат дека Ван Гог се восхитувал и тресел од возбуда и радост кога ќе види сув цвет, сончоглед, обична гранка од дрво. Речиси да не постои повеќе човек, кој со толкава љубов и занос ќе ги сака обичните нешта, она кое го одминуваме. Парче компир, јаболко, тегла, стаклени чаши… Сликарството ја буди љубовта на луѓето кон заборавените нешта. Можеби и најблагородната работа на уметноста е токму тоа, да не потсети на убавината, но и на суровата исчезливост на нештата во овој свет. Можеме со таква страст да го љубиме само она кое можеме и да го загубиме. Да забележиш нешто убаво пред да исчезне, некој запис, цртеж, неколку дамки боја на хартија, било што, она кое ќе те потсети еден ден на мигот кој упорно не сакаш да го заборавиш. Тоа е уметноста. Бележник на исчезнувањето.

? Мотивите во сликите на Маџаров нé тераат уште еднаш да ги погледнеме нештата во нивното реално бивствување. Уште еднаш тенките и нежни тополи кои треперат над водата, уште еднаш самракот над градот, птицата на дрвото, парчето овошје на столот. Сликарскиот ракопис на Илија Маџаров е спонтан, како скицник или интимен дневник во кој брзо ги запишуваме своите мисли. Тука нема системи и идеи за монументални и епски композиции. Она што се случува е тука и сега, собрано во малиот формат. Восхитен од тоа да ги прегрне дури и физички своите слики, да ги држи на дланка, овој вљубеник во малиот формат потсеќа на источните мудреци, но и на Вилијам Блејк кој еднаш запиша: „Да го видиш целиот свет во еден цвет“.

? Никола Пијанманов ( август 2022)

Извор>КИЦ>Скопје

СЛИКАРСТВОТО НА ИЛИЈА МАЏАРОВ

НЕМА КОМЕНТАРИ