Во петок на 3ти декември македонската музичка сцена ќе биде збогатена со концертот на нашите двајца врвни музичари Бојан Илкоски и Дино Имери, кои ќе се претстават со нивниот прв албум насловен како “PASSIONS”. Со најавата на овој прекрасен културен настан, публиката и сите ние се подготвувме за едно посебно емотивно-музичко доживување.

”Преубавиот звук на неговиот инструмент веднаш го заробува слушателот, му ги отвара звучните асоцијации со веќе препознатливи звучни димензии на познати виолинисти, и тоа можеби е и една длабоко филозофска и реална компонента која овој храбар виолинист го турка низ магичниот свет на бравурата, ѓаволскиот виртуозитет и кон поголеми хоризонти кон кои секој вистински амбициозен уметник се стреми.

-Васка Наумовска Томовска – (критичар)

 

?Бојан Илкоски (виолинист) (фотограф) Маја Аргакијева

– Бојан, дали го паметите моментот кога за прв пат ја земавте виолината в раце?

  • Се разбира. Првиот контакт со инструментот виолина се случи во мојата 6та година. Тоа се сеќавања кои секогаш ќе бидат моќни и свежи во мене заради тоа што уште тогаш знаев и чувствував дека мојата љубов и пасија е насочена спрема музиката. На некој начин љубовта спрема овој инструмент ми беше пренесена затоа што мојот вујко беше исто така виолинист и од време на време тој знаеше да ми покаже и да отсвири понекој тон за мене. Тоа за дете како мене беше огромна импресија и радост слушајќи го виолинскиот звук кој отсекогаш ме асоцирал на еден прекрасен женски вокал. Таа импресија ја чувствувам и денес веќе и како изграден музичар и виолинист. Меѓутоа сакам да кажам дека музиката била клучниот играч и отсекогаш била таа која што ме води низ животот и моето секојдневие обраќајки се преку мене, а од денешна перспектива виолината како инструмент е само медиум од каде излегува мојот внатрешен глас, музичка мисла, енергија, љубов и пасија спрема музиката и уметноста.                                                                                                                                                                                                    – Вашиот прв аплауз, кажете ни го чувството.                                               
  • Контактот со публиката и нивните реакции се нешто вистинско и есенцијално. Секој нареден аплауз и енергија насочена од публиката кон мене е нова и уникатна. Концертот за мене претставува комуникација и еден вид ритуал каде ние музичарите комуницираме со публиката на посебен начин, но и со самите себе. Чувството и енергијата на секој концерт за мене е оригинална и возбудлива, есенцијална и непроценливо вредна заради тоа што преку концертите ние всушност директно го споделуваме уметничкиот момент на слобода и создавање, момент на интерпретација која секогаш мора да е искрена преку музиката вклучувајќи ги делата кои ги изведуваме.  

– Постои ли во вашиот репертоар композиторски опус кој би можеле да го наречете ваш фаворит?

  • Секое музичко дело од било кој композиторски опус за мене претставува нова приказна, различна филозофија, поинаква форма, на некој начин тоа се многу универзуми во музичкот свет и во тој случај тешко е за секој репродуктивен уметник да одбира фаворити. Но кога би морал да издвојам секако би издвоил повеќе ремек дела кои претставуваат монументална вредност како за мене лично така и во музиката и секако во светскиот виолински репертоар . Тука би ги издвоил 6те сонати и партити за соло виолина од Јохан Себастијан Бах, 10 сонати за виолина и пијано од Лудвиг ван Бетовен, прекрасната соната за виолина и пијано од Цезар Франк, сонатите за виолина од Јоханес Брамс, 6 сонати за соло виолина од белгискиот виолинист и композитор Јуџин Изаи и многу други.

– Во светот станува пракса изведбата на класичната музика да се сценски перформанс. Дали вам лично ви допаѓа ова?

  • Јас лично тоа го разбирам како начин се` повеќе да се доближи класичната музика до секој слушател и да ја прифати затоа што верувам дека класичната музика може да делува понекогаш и апстрактно. Во секој случај поддржувам се` што е иновативно во музиката и уметноста и нешто што во себе содржи некаква идеја и порака и многу важно нешто што е искрено и со љубов направено. Јас лично досега не сум испробал да направам таков вид на експеримент, музика и сценски перформанс, но идеите и креативноста на еден уметник немаат граници што значи дека никогаш не е доцна да се направи нешто убаво, иновативно и оригинално и привлечно за публиката. 

– Што би им порачале на младите таленти?

  • На младите луѓе и таленти би им порачал да го работат тоа што го сакаат и тоа што ги прави среќни, да работат и вложуваат во нивните идеи, да вложуваат во нивната креативност, да се следат себе, да го следат нивниот дух и слобода, а тоа се постигнува само со желба, знаење, свест, умешност и огромен труд, труд кој мора да се вложи, но и да се ужива во него.

Дино Имери и Бојан Илкоски

Фотографија; Маја Аргакијева

 Програма за концерт   

?

*Лили Буланже – “Ноктурно”
*Клод Дебиси – “La plus que Lente”
*Морис Равел – “Соната за виолина и пијано бр.2”
I. Allegretto
II. Blues. Moderato
III. Perpetuum mobile. Allegro
*Вокализа-етида во форма на Хабанера
*Циганка (Rapsodie de concert)
*Кочо Петровски – Играорна фантазија, арр. Дамир Имери
*Дијана Имери Илкоска – Корени (посветено на Бојан)
****
Страсти”нов албум на Бојан Илкоски и Дино Имери.
Нашите реномирани уметници го снимија албумот “Страсти”, а зад издавањето стои дискографската куќа “Con:tempo” (гранка на куќата PMG Jazz специјализирана за издавање на класична и современа музика) со што започнува нов креативен период за дуото кое со огромен успех настапува на европските сцени повеќе од 10 години.
Во таа смисла, може да се каже дека “Страсти” е резултат на една долгогодишна уметничка потрага која обединува музички светови кои навидум не можат да се обединат, спротиставености кои се надополнуваат во една интересна, уникатна и впечатлива приказна проткаена преку делата на Л. Буланже, К. Дебиси, М. Равел, но и премиерен запис на делото “Корени” од диригентката Дијана Имери Илкоска, како и “Играорна Фантазија” од Дамир Имери (базирана врз истоимената тема на Кочо Петровски).
Музичкиот материјал кој се најде на ова издание ја доживеа својата концертна премиера во Белград, каде Илкоски и Имери гостуваа со голем успех. “Страсти” ќе добие своја изведба и во Љубљана, Словенија на покана од престижниот “Љубљана Фестивал”.
На 3ти декември ќе се одржи македонската концертна промоција во Филхармонија во 20 часот каде љубителите ќе имаат можност да ја слушнат изведбата на реномираните уметници и да го набават албумот.
Во реализацијата на ова издание особен придонес дадоа Дијана Имери Илкоска (музички продуцент), Ален Хаџи-Стефанов (инжињер на звук, мастерирање), Виолета Качакова (дизајн) и Маја Аргакијева (фотографии).
 Биографија

Бојан Илкоски (1992) го започнува на 7-годишна возраст во ДМБУЦ Илија Николовски Луј каде ги завршува нижото и средно музичко образование. Првите контакти со виолината ги остварува на својата седум годишна возраст со проф. Румен Димитриев и Зоран Џорлев, а дипломира на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје во класата на проф. Олег Кондратенко. Илоски досега има остварено бројни настапи во земјава и надвор од границите на Македонија, и тоа во Романија, Србија, Хрватска, Бугарија. Има остварено неколку настапи како солист заедно со Македонската Филхармонија како и со Камерниот Оркестар при ФМУ, а во 2009 го одржал и својот прв самостоен целовечерен концерт во Даут Пашиниот Амам. Заедно со пијанистот Дино Имери основаат камерно дуо и остваруваат број ни настапи како во државата, така и надвор од нашите граници. Настапуваат на Европскиот Концерт приреден од Музичките и балетски педагози на Македонија, заедно со Europian Union of Music Competition of Youth. Заедно беа повикани свечено да го отворат реномираниот натпревар Охридски Бисери 2015, Фестивалот А-Фест во Нови Сад-Р. Србија, а во 2013 го изведуваат Рециталот Доаѓаме во организација на КИЦ. Заедно настапуваат во шпанската амбасада по покана на амбасадорот Fernando de Galainena Rodrigez.

Во досегашното искуство како виолинист Илкоски вбројува и неколку соло рецитали без пијано придружба кои се од исклучителна важност и претставуваат огромен предизвик за секој инструменнталист, воопшто. Со концерти од овој тип се пртставува и на фестивалот Златна Лира 2017 во организација на СМУМ. Заедно со Симфонискиот и Камерниот оркестар при ФМУ остварува настапи во земјава и странство, во Р.Хрватска и Р. Босна и Хецеговина. Како камерен музичар, Иклоски соработува со светски реномирани имиња како Франсис Дирој и светски познатиот виолончелист и дирегент Марк Копеј. Остварува контакт и соработка со виолинистот Сретен Крстиќ (концерт-мајстор на Минхенска Филхармонија). Член е на меѓународниот младински камерен оркестар на Музичка Младина под водство на познати и реномирани диригенти како Саша Николовски-Ѓумар, Борјан Цанев, Дијана Илкоска, Елена Митревска, Емилио Перкан (настапи на Охридско Лето, Интерфест-Битола и Скопско Лето.

Илиоски е редовен член на симфонскиот оркестар при Македонската Филхарминија како и член на оркестарот за филмска музика FAME’S.

 

НЕМА КОМЕНТАРИ