Младиот уметник Стефан Младеновски е меѓу ретките кој успешно го афирмира цртежот како ликовен израз, а кој се чини беше подзаборавен во современата македонска уметност. Минатата година во декември Стефан се престави на публиката со својата прва самостојна изложба во МКЦ насловена како ,Дела на хартија’ и се состоеше од 35 авторски дела преку кои младиот уметник со својот автентичен графички израз, ненаметливо се престави со еден посебен сензибилитет во кој владее хармоичност во формите. Актуелниот момент кој сите ние го живееме веќе некое време, а тоа се услови на самоизолација не е непозната состојба на егзистирање и творење на уметниците за кои би се рекло дека токму во такви околности тие ги создаваат своите дела. Историјата памети многу периоди на вонредни услови како на пример болест и.т.н, слични на денешната во која се наоѓа светот а светските уметници токму во такви услови ги создале своите ремек-дела. Нашите уметници сега се исправени пред истиот тој превизвик сериозно би можел да влијае и да го промени веќе постоечкиот модел на презентирање на уметноста во светски рамки.

 

Му благодариме на Стефан кој е наш денешен согворник што прифати да ни одговори на неколку прашања.

————————————————————————————————————————————————————————————————————

Дивианартс: Стефан, како што веќе споменав актуелната состојба во земјата наложува да се самоизолираме, што значи да се посветиме повеќе кон себе сѝ. Како го поминуваш твоето време во оваа самоизолираност?

Стефан: Времето претежно ми поминува вообичаено, само без вечерните излегувања. Слушам музика, листам каталози, проучувам уметници, од време на време ќе фатам гитара, фотографирам моменти наоколу, цртам и доцна легнувам.
 
 
Дивианартс: Графиката е древна уметничка дисциплина која благодарејќи на модерните технологии доживеа голема експанзија. Кажи ни нешто повеќе за моментите на твојата одлука да студираш токму на овој отсек, и дали можеби некој уметник со своите дела имал посебно влијание на тебе?! –
 
Стефан: Со оглед на тоа дека средното образование го завршив исто на отсекот за графика, немаше многу мислење околу тоа кај ќе студирам. Добро, причина повеќе беше тоа што, во споредба со запишувањето во средно, кога дојде време за факултет знаев што е тоа графика. Да, многу уметници и дела имале влијание, сметам дека тоа е неизбежно и јасно можам да го препознаам во своите цртежи и графики. Тие влијанија и впечатоци ги имам впиено, на некој начин преработено… и преку својот ракопис преточено во личен ликовен јазик. Мислам дека тоа така оди.
Дивианартс: Стефан,каде ги пронаоѓаш мотивите во твојот уметнички свет и колку се тие резултат на реалниот а колку на имагинарниот свет?
 
Стефан: Пред се главен мотив ми е желбата за создавање дело, со тек на време тоа создавање станало потреба, па мотив препознаваш во се наоколу. Најчесто кога со умисла барам инспирација тешко ми оди, идејата за дело најчесто ќе се појави од никаде. Некогаш е потребно да повлечеш линија на бел лист која би била провокација да додадеш следен елемент, и се така дури не го видиш делото како готова композиција. Некогаш делото ќе остане само таа повлечена линија… се зависи како се чувствуваш во моментот и колку е искрена емоцијата која ја пренесуваш. Би рекол дека тие мотиви се комбинација од реалниот и имагинарниот свет, со што крајниот резултат, готовото дело, станува огледало на уметникот.
 
Дивианартс: Уметноста е тишина на умот а музика за очите, па би те запрашала дали при процесот на работа истовремено слушаш музика и кој е твојот омилен музички жанр? 
Стефан: Музиката исполнува добар дел од моето секојдневие, што значи е составен дел и од процесот на работа. Омилен музички жанр не би можел да посочам, слушам доста разноврсна музика, нормално не било што, ќе истражам.. гледам да е квалитетно. Еве, моментално на памет ми доаѓа албумот од The Necks – Sex, албум кој секогаш добро ми се вклопува при работа.
 
——————————————————————————————————
'Без наслов', 2020, цртеж,(55 х 75 cm)
'Без наслов', 2020, цртеж, (75 х 55 cm)
‘Лет’, 2019, бакропис – акватинта, (100 х 70 cm)
‘Без наслов’, 2019, бакропис – акватинта, (100 х 70 cm)
‘Без наслов’, 2020, цртеж, (75 х 55 cm)
Стефан Младеновски e роден на 28.06.1996 во Крива Паланка. Средно образование ДСУЛУД “Лазар Личеноски” – Скопје, оддел графика.
Апсолвент на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, оддел графика, класа на проф. м-р Зоран Јакимовски.
Добитник  е на студентската награда за графика “Драгутин Аврамовски – Гуте” – 2018 Учесник на 12-та Графичка работилница “Софија” – Богданци, 2019.
 
Самостојни изложби: 2019, декември – Скопје, Дела на хартија, Галерија МКЦ Групни изложби: 2018 – Тетово, Осмо меѓународно биенале на мала графика, Дом на култура 2018 – Скопје, IV Меѓународна “Ex Libris” изложба, Отворено графичко студио 2018 – Скопје, Young art, Мала станица 2019 – Скопје, Сирова култура, МКЦ 2019 – Скопје, Young art, Музеј на град Скопје 2019 – Скопје, Графичко триенале 4 (Графичка работилница “Софија” – Богданци), ,,Музеј на град Скопје”
 
Stefan Mladenovski
 (Член е на Друштво на Ликовните Уметници. ДЛУМ)

НЕМА КОМЕНТАРИ