Меѓународна жири комисија, составена од пет судии, ќе направи финална селекција на плакатите и ќе ги избере победничките автори на 9. Меѓународенстудентски конкурс за плакат „Криза на идентитет“. И оваа година,на фестивалот ќе гостуваат членови на жири – експерти од сите гранки на графичкиот дизајн – илустратори, типографи, калиграфи, плакатисти. Одлични презентации и работилници нé очекуваат на овогодинешниот фестивал, кој ќе се одржи од 21 до 30 ноември во Музејот на Град Скопје. Пријавувањето за работилниците и презентациите, како и за дружбата со жири-членовите, на која ќе може да се запознаете или да добиете совет, се одвива преку интернет страната на фестивалот: http://skopjeposter.com/mk/nastani/

Фин Нигаард | Данска |

1Фин Нигаард е автор на постери, илустрации, графички дизајн решенија и стратегии за идентитет за дански и меѓународни компании. Креирал над 600 постери од кои многу се интернационално наградени. Фин е добитник на престижната награда на Graphis – Graphis Master. Неговите дела – илустрации, постери, калиграфии и маркици се дел од изложби во најголемите галерии и музеи ширум светот – Museum of Printing History, Хјустон, Designmuseum Данска, Галерија на убави уметности во Нагоја, Јапонија, Национален музеј во Познањ, Полска, Музејот Иман Али, Техеран, Иран и многу други… Неговите дизајни се објавувани во водечки магазини посветени на дизајнот како Novum, Graphis, Print Magazine. Од 1990 до 1995, е партнер на данската дизајн група Eleven Danes и на Европската мрежа на дизајнери EDEN. Нигаард водел многу работилници и предавања низ светот – Јапонија, Кина, Тајван, Индија, Кореа, САД, Чешка, Словачка, Мексико, Боливија, Турција, Италија и Иран.
Фин Нигаард ќе ги инспирира учесниците на работилницата да дизајнираат моќен плакат за џез настан. Фин, исто така, ќе одржи и презентација на тема „Плакатот и така натаму…“. Резервирајте место за неговата работилница и презентација – 23 ноември од 10:30 часот.

Фонс Хикман | Германија |

fons-hickmannФонс Хикман е графички дизајнер, автор и професор по дизајн на Универзитетот за уметност во Берлин. Интернационалното тренд-сетерско дизајн студио “Fons Hickmann m23” е наградено со бројни награди и има статус на едно од највлијателните во современиот дизајн. Дополнително, тој се посветува себеси на издаваштвото на литература на разни полиња од дизајн до теорија на медумите се до фудбал и поп културата. Type Directors Club for Typographic Excellence, Golden Bee Awards, Graphis Gold Award, Red Dot Award се само неколкуте дизајн признанија со кои Фонс и неговото студио се наградени. Хикман е член на Type Directors Club Њујорк и АГИ – Алијансата на дизајнери.
Фонс Хикман ќе одржи презентација и работилница на 22 ноември од 10:00 часот во која ќе ги менторира учесниците во процесот на дизајнирање влијателен социјален плакат. Дополнително ќе покаже како со симболика да се привлече вниманието на публиката и како да се користат различни техники во дизајнирање на плакатот.

Мишел Буве | Франција |

michel-bouvet

Мишел Буве има завршено студии на Ecole Nationale Supérieure des Beaux-Art, Париз. Мишел е плакатист и графички дизајнер. Живее и работи во Париз. Дизајнирал стотици постери за театарски, оперски, музички, танцовни, уметнички, фестивалски настани. Работел и за јавни институции во Франција и надвор од неа. Буве досега имал над 80 соло изложби во 35 земји ширум светот. Неговото студио работи за театри, јавни институции, музеи, фестивали и издавачи. Тој е куратор на изложби за графички дизајн и професор на ESAG Penninghen во Париз. Ментор бил и на бројни работилници во многу земји. Носител на гран при награда за културен плакат изработен за Националната библиотека во Париз. Мишел е еден од основачите на Fete Du Graphisme – фестивал за графички дизајн кој се одржува во Париз. affiche BAT Arles 2012Мишел Буве ќе одржи презентација на тема „Плакат, уметност од улицата“, преку кој ќе се обиде, на македонската публика, да го приближи медиумот – плакат, а преку тоа и да ја објасни силата која постерот ја има врз развојот на „уличниот лајфстајл“. Во неговата презентација ќе ја претстави и својата работа како автор на бројни наградени плакати на светските дизајн фестивали и работата во рамки на Фестивалот за графички дизајн – Fete Du Graphisme. Презентацијата на Мишел е закажана за 22 ноември во 15 часот.

Ришард Каја | Полска |

Ришард Каја е првенствено сликар, плакатист, сценограф и костимограф. Тој завршува студии на Академијата за убави уметности во Познањ, Полска. Работел како главен дизајнер во многу театри; од 1995 до 2000 е главен дизајнер на Велики Театар во Познањ. Во 2000 Ришард ја прекинува својата кариера во театар за да се насочи кон графичкиот дизајн и сликарството. Каја е еден од најпопуларните и продуктивни полски плакатисти. Техниката на работа вклучува искористување на хартија и мешани техники, вклучително сликарство, комјутерски техники и се што може да го инспирира: чај, талог од кафе, пепел. Ришард бил член на жири на многу биеналиња за плакат. Тој е носител на сребрената медаља од 2015 на престижниот BICeBé Биенале за плакат –Боливија. Неговите плакати и слики се прикажани насекаде низ светот – Варшава, Познањ, Вроцлав, Гњезно, Катовице, Барселона, Берлин, Виена, Св. Луис, Анкара.
Ришард ќе менторира тридневна студентска работилница (21-23 ноември) за дизајнирање плакат „Македонија како туристичка дестинација“ на која ќе бидат создавани плакати со современ израз како дизајнерски производ преку кој ќе се промовира Македонија како земја со богато културно наследство, зачувани природни богатства и богата духовна ризница. Оваа работилница е наменета само за студенти на додипломски, магистерски и докторски студии на факултетите за уметности, визуелни уметности, архитектура и дизајн.

Тони Васиќ | Македонија |

toni-vasikjТони Васиќ е предавач на Школата за архитектура и Дизајн на Универзитетот Американ Колеџ. Тони има долгогодишно искуство како ликовен уметник и дизајнер. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на катедрата за графика. Автор е на девет самостојни изложби во земјава и надвор од неа и учествувал на преку 150 групни изложби ширум светот. Добитник е на 11 национални и меѓународни награди за графика и графички дизајн. Автор е на многубројни ликовни решенија за печатените медиуми во Македонија, ја извршувал функцијата ликовен уредник и уметнички директор во неколку неделници за чии што потреби го изработува целокупниот дизајн. Тони е автор на преку 500 насловни страници за неделниците во Македонија, за што повеќекратно е наградуван. Исто така е автор на многубројни ликовно-графички решенија за многу домашни и странски компании, монографски изданија, заштитни знаци, каталози, ревијални изданија, амбалажа, учебници… Ја вршел функцијата арт-директор во “Studio Marketing JWT” – Скопје, “AVA Communication DDB” – Скопје и оснивач и арт–директор на креативното студио “Line Design”.

 

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНовите канцеларии на Dropbox во Сан Франциско
Следна објаваХороскоп од 14.11-20.11.2016 година!
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР