Ве водиме во ентериер кој се наоѓа во Киев, а дело е на дизајнерите од студиото Dvoetochie Design Bureau. Во целост е опсипан со сончева светлина, од отворениот дневен престој до разиграно уредените детски соби и домашната канцеларија. Топлите и ведри цитрусни бои кои доминираат во просторот, комбинирани се со елементи од природно дрво со што е создаден многу удобен, опуштен и гостопримлив амбиент. Главниот дел се состои од кујна која е споена со дневната соба. Помеѓу кујната и дневната соба се наоѓа трпезариската маса во облик на шанк, пред кој мал дел е искористен за собни билки, на декоративен и особено естетски начин. Цел еден ѕид од оваа голема просторија е обложен со дрво, поради што просторот за складирање е речиси невидлив, а многу убаво се поврзува со кујната. Спалната соба е уредена така што дизајнот се сложува со остатокот од ентериерот, но тука е искористена понеутрална палета на бои, како беж, бела и светлокафена – тоновите кои создаваат изразено романтична и модерна атмосфера. Детските соби се уредени многу инспиративно, како простори за игра и одмор, со весела комбинација на бои. И дизајнот на домашната канцеларија го следи остатокот од ентериерот, истовремено нудејќи се’ што е неопходно за простор за работа. Во продолжение, погледнете ги фотографиите и инспирирајте се од овој убав и модерно уреден дом со меки цитрусни акценти.