Внатрешниот дизајн на овој мини стан е одличен пример како може максимално да се искористи лимитираниот простор во домот, без преголем буџет и на едноставен начин. Иако е со мала површина од само 36 метри квадратни, станот делува доволно пространо и нуди сосема удобно чувство во внатрешноста, а притоа опремен е со се’ што е потребно за пријатен живот. Располага со дневна соба, трпезарија, кујна, спална соба, бања, па дури и тераса, благодарение на добриот распоред и функционалните решенија за складирање. Во отворен план се сместени дневниот престој и трпезаријата, формирајќи ја зоната за дружење и социјализација, додека спалната соба е издвоена со преграден ѕид и умешно е сочувана интимата во зоната за одмор и релаксација. Веднаш до неа е и малата, но солидно екипирана кујна со бели елементи и висок фрижидер. Во амбиентот на целиот стан доминтна е белата боја, а збогатена со паркетниот дрвен под кој внесува топлина во просторот, како и внимателно избраните акцентни детали и украси. Орнаменталните декорации, лустери, ѕидните слики и фотографии му даваат шик призвук и динамика на ентериерот, кој низ едноставноста и паметниот дизајн нуди убавина и практичност каква не може да се затекне дури ни во многу поголеми станбени објекти. Вистинска инспирација во мала квадратура – погледнете ги фотографиите и ,,украдете’’ ја омилената идеја и за вашиот животен простор.