Во потрага сте по инспиративни идеи за уредување на двособен стан? Ви претставуваме еден одличен пример за таа намена, стилизиран модерно и минималистички, со низа убави решенија и детали во животниот амбиент. Станот е со површина од 52 метри квадратни, а сместен е во стара историска зграда во Шведска. Вешто се зачувани оригиналните елементи во ентериерот, како што се импресивнaта висина на таванот и дрвените подови, иако е внимателно реновиран и конципиран за современо живеење. Веднаш по влегувањето низ големиот и простран ходник, се добива глобална слика на станот, со поглед на модерната дневна зона и кујната кои се поврзани и организирани во отворен план. Кујната е целосно екипирана и располага со доволно простор за складирање, како и работна површина благодарение на практичниот кујнски остров. Од дневната соба е обезбеден директен пристап до балконот, кој е одлично место за испивање на кафе и опуштање. Бројните светлечки тела дополнително придонесуваат за смирувачка атмосфера, која е и повеќе од идилична во текот на долгите шведски зими. Спалната соба е оддалечена и апсолутно мирна, а во неа се сместени големиот брачен кревет со странична масичка. Во ентериерот има и дополнителен простор за организација и складирање, кој е естетски затскриен зад завесите. Белата боја ја сочинува основата на станот, а збогатена е со пријатните дрвени допири кои внесуваат комфор и топлина во просторот, како и акцентните детали избрани со вкус. Во продолжение, погледнете како изгледа овој прекрасен дом и одберете ја омилената идеја и за вашиот животен простор.