Како ретко каде, во мал стан со површина од нешто помалку од 50 метри квадратни, спакувани се толку многу различни бои, дезени, детали и фузија на навидум неспоиви стилови на уредување, а истото визуелно изгледа искомпонирано до совршенство, кокетно и шик, со огромна количина на позитивна енергија и весела атмосфера со која буквално зрачи. Станува збор за станбено катче на млада мадридска двојка, во кое сè е подредено на балансот помеѓу убавиот дизајн и практичното искористување на расположливиот простор. Ентериерот е младешки, шарен, разигран и комплетно исполнет со декорации, а притоа е исклучително пријатен за живеење, без нималку да загуби од функционалноста и комотитетот. Уреден е со максимална посветеност на деталите, кои се присутни насекаде и во голем број, разбивајќи ја монотонијата на белите ѕидови и мебелот во истата боја, при што е добиен необичен микс на скандинавската белина, колоритните боемски допири и индустрискиот дизајн на мебел. Иако модерен и трендовски, во станот е присутна и традиционалната нота, со дрвените допири и акцентираниот ѕид од гитерка, кој одлично се вклопува во целината, давајќи и екстра шарм и личен печат. Станот располага со една спална соба и мини бања, а остатокот од просторот е отворен, без видливи бариери помеѓу кујната, трпезаријата и дневната соба, туку истите се суптилно издвоени со позиционирањето на мебелот и деталите. А кога се деталите во прашање, вистински раскош од оригинални еклектички декорации и украси е распрснат низ секој агол и простор, почнувајќи од кујната, па сè до бањата. Меѓу нив: колоритни пругасти черги, украсни перници, фото-принтови, декоративни букви и мноштво парчиња современа уметност. Сепак, иако е вистинска прослава на шарите и боите, ентериерот е и рафиниран истовремено, бидејќи секој детал делува компактно со остатокот од декорот. Прекрасно стилизиран и полн со топлина, оптимизам и животна енергија, овој мал стан со својот дизајн е одличен пример и инспирација, како и во малку квадрати може да создаде навистина посебно катче за живеење.

15

16

3

10

19

СПОДЕЛИ
Претходна објаваДигитална Игра на тронови | Adam Spizak
Следна објаваBooken полица | LEMA, Италија
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ