Неодоливо бело и несекојдневно убаво, со скандинавски шарм, магичен амбиент и рустикална нота – вака во неколку зборови може да се опише прекрасното бело поткровје лоцирано на таванот од зграда извишена во Стокхолм, срцето на Шведска. Овој исклучително убав пентхаус е вистинска оаза на белата боја и дом на светлината, со слатки декорации и стотици книги,  уреден во манирот на скандинавските ентериери, елегантно и префинето, со минималистички приод кон исполнување на просторот. Големото пространство е деликатно и нежно уредено, со многу вкус и стил при изборот на мебелот и декорациите. Отворениот простор е суптилно поделен во неколку зони, спална, кујна и интелектуално катче, тематски и стилски надополнувајќи се едно со друго во една пријатна визуелна целина, каде акцентот е ставен на светлината. Високите тавани (4,5м), големите прозорци и белите ѕидови креираат свеж и светол амбиент, умешно надополнет со топлината внесена преку декоративните елементи. Хармоничните форми и интересните детали создаваат атмосфера на слобода, а на доминацијата на белата боја единствено и пркосат дрвените допири, рачно изработениот под и раскошот од vintage декорации. Внимателно избраните детали се уникатни и помалку авангардни, кокетирајќи со минатото и антиката, и внесувајќи ја во секое катче играта на модерното и старото, современото и рустикалното, романтичното и елегантното. Фацинацијата од овој дом завршува на малата, но живописно уредена тераса, со глетки од височината кон знаменитостите на лежерниот Стокхолм.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваКако шајките во ѕидот…
Следна објаваПознати очила | Federico Mauro
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

1 коментар

Comments are closed.