На особено изненадување и задоволство на категоријата Млади креативци – повторно показател на книжевната идеја во поетски рамки. Мануела Златкова е млада поетеса од Струмица, чиј придонес во поезијата допрва ќе се чуе. Засега, таа твори во рамки на сопственото секојдневие, средно училиште и литературни средби. Одблиску за читателите на DA, таа откри инспиративен дел од нејзиниот мотив за уметност.

1

Кога ја запрашавме од кога Мануела пишува за своја душа, таа одговори дека – „Јас сум човек чија душа е постојано гладна за нешто. Од секогаш сум наоѓала алтернатива нештата ги изнесам вистински, можеби индиректно, во некое идно или веќе одминато време, ама поначесто сакам да се приземјам во сегашноста. Оттука, водејќи се според кажаното погоре, ни сама не знам од кога пишувам, но моите пишувања ги објавувам веќе две години.“

2

Зошто токму поезијата од сите начини на изразување, каде ни одговори: „Ги сакам сите животни улоги на човекот. Ние се раѓаме и правиме глупости. Луѓето додека растат, се засмеваат едни со други, глумат, се радуваат, беснеат, бледнеат, љубат, крадат од љубеното, па се навраќаат на игри и се провираат низ своите години. И штом ќе израснат се смалуваат. Како што старците ги збираат сите улоги и ги вкусуваат во неколку години со измешан редослед, така и јас можеби мислам дека поезијата на најсоодветен начин ќе го прикаже постоењето.“

„Ако зборуваме искрено, во Македонија поезијата е како дете со инвалидитет.“

– вели Мануела како одговор на вредноста на поезијата во рамки на Македонија, бидејќи „Има глуви, неми луѓе. Ама има и гласни. Се почесто се кршат рамките на Македонија, па младите автори се претставуваат повеќе на туѓите сцени. Но, нели ветрот носи време, се надевам дека ќе донесе повеќе ува за слушање и повеќе очи и здрави мозочни клетки за читање поезија на сопствено тло.“

3

За секој автор се смета дека живее во друго време, на друго место, а Мануела вели – „Ако живеев на друго место, во друго време, пак ќе бев човек (најверојатно). Ќе растев неколку генерации пред мене или по мене. Ќе живеев на неколку километри подалеку од овде или малку повеќе. Само можеби ќе немаше вакво глобално затоплување и заладување (на човечките мозоци), а ова е токму она кое ми менува нешто во резонирањето „што би“ под други услови.“ Патем, како и секој автор, мора некаде да го пронајде восхитот и поистоветеноста со некој великан – „На прво место ја ставам личната сатисфакција. Ако одам по колосекот на некој „великан“, не би имало поезија при која ќе ме разбереш вистински. Великани во мојата глава сепак има, обични луѓе, а чудесни во зборот.“

„Истото ова важи и за сопствени идоли, инспирации. Само јас нема да ги наречам идоли, оти немам соодветен збор за нив. А тие луѓе (или поединец) се од приватниот живот. Се’ што е од надвор е од времето. А ќе признаам, во последно време се вртам околу иста точка.“

4

За крај, не интересираше дали Мануела се гордее со доделените признанија?

„Признанија како такви што општо ги сфаќа народот, мене ми значат најмалку после сите животни вредности. Претпочитувам директно споделување и примање на напишаното, прочитаното. И пак, повеќе сакам кога луѓето ќе ме прочитаат оти паднале во иста замка, уживаат во слична пајажина во која сум се нашла јас, им изгледа интересно или мислат дека не е зрело, па заслужува критика.„

„Со неколку збора: сакам реализам во практика.“

 

 

СПОДЕЛИ
Претходна објаваКреативна рекламна кампања | Like-от не помага
Следна објаваНовото лице на уметноста | Halsey Institute of Contemporary Art
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР