Филмови стари колку и киното – создадени како по рецепт, постои една девојка, и знаете, таа е чудна, нервозна, инфериорна и малтретирана од општеството. Но, успева да се трансформира во… пууууф… вистинска убавица! Нејзината внатрешна убавина избива на површина и се претопува со надворешната, овој пат очигледна. Како доказ дека малку шминка, високи потпетици и женствен фустан може да Ве направат хероина на бајка.

Пепелашка (Cinderella):

Oд автентичноста на парталите во пепелта до буквален среќен крај. Сите песни на птиците и разговори со глувчињата не би можеле да ја избават од светот на подреденост и понижување, се додека не се појави добрата самовила (заедно со извонредниот крој, небесните светки, безвременскиот кок и стаклените чевлички)… и на крајот, како би одолеал принцот?

Убава жена (Pretty woman):

Класична „проститутка со златно срце“ приказна. Кога Џулија Робертс се појави со ефтин стајлинг и руса перика, светот беше збунет. Но, овој филм е всушност, доказ дека со вистинската љубов (и аристократски црвен фустан кој дефинитивно влезе во историјата, со потпис на Marilyn Vance-Straker) сите препреки се надминуваат.

Брилијантин (Grease):

Оливија Њутн Џон го заслужи сето внимание кога од слатката Сандра Ди се претвори во сексипилната Сенди. Класичните здолништа и изгледот на „девојка од соседството“ ги замени со кожни панталони и високи црвени потпетици – како двата пола на магнетот, сосема е оправдан стихот содржан во „ I got chills, they’re multiplyin’…. And I’m losin’ control!“, изречени од Џон Траволта.

Дневниците на принцезата (The Princess’s Diaries):

Дали постои нешто потрагично од погледот на една принцеза која не ја заслужува титулата во ниедна смисла? Во измислената земја Џеновија, всушност и не – кога кралицата ја увидува страшната состојба на нејзината единствена внука, целиот кралски тим се активира да ја претвори Миа во заносна претставничка на сината крв. Резултат? Ен Преубава Хатавеј.

Мојата убава дама (My fair lady):

Базиран врз драмата на Џорџ Бернард Шо, оваа класика со Одри Хепберн во главната улога ја следи судбината на сиромашната девојка Елиза Дулитл која продава цвеќиња и се трансформира во убавица од ранг на тронот, каде единствената дискутабилност да е ѓерданот кој го краси нејзиниот бел врат е соодветен за дневна комбинаицја.

Злобни девојки (Mean girls):

Најверојатно, еден од ретките makeovers што во суштина, не би требало да се случи. Линдзи Лохан, во улогата на Кејди изгледаше среќна и задоволна со она што е, иако носеше кариран џемпер на копчиња кој реално не одговараше на светот на средношколските трендсетерки. Нејзината метаморфоза од вистинска пеперутка до изобличена форма на истата и донесе анксиозен став, премногу тесна облека и многу, многу озборувања.

Игрите на гладните (The Hunger Games):

Трансформацијата како категорија на живот или смрт. Зошто? Не е прв пат хероината да доживее драматичен нов изглед со цел околината да ја засака, но за Кетнис, тоа значи дека ќе преживее во бизарните Игри. Од девојка со реално оскуден стил, до вистинска Дива чиј огнен блесок се памети дури по завршувањето на борбата на гладните.

Слугинка на Менхетен (Maid in Manhattan):

Во вистинско искушение да ја испроба богатата гардероба на една од гостинките во хотелот во кој што работи, Џеј Ло во улогата на Мариса Вентура ќе направи Ралф Фајнс да се заљуби во неа. Иако во фаза на сокривање на нејзиниот вистински идентите преку облека и накит со лукс потпис, на крајот сепак ќе му признае дека Долче и Габана всушност, не се нејзин стил на живот.

 

СПОДЕЛИ
Претходна објаваВреме е за книга | Vintage часовник
Следна објаваBlanco | Нова есен
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР