Со својот специфичен моден јазик, автентичност и префинетост во создавањето на уникатни креации, македонската креаторка Росица Мршиќ повеќе од една деценија во континуитет успешно ја презентира својата визија на уметничкото модно поле, подеднакво присутна како на домашната така и на меѓународната сцена. За нејзината најнова модна линија именувана како ‘Colorscape’ инаку 23та по ред, авторката ќе рече;
Колекцијата е инспирирана и развиена врз принципите на апстрактен класицизам или сликарство со „остри рабови“, кое датира од 50-те години на минатиот век во Калифорнија, САД. Дефинирани рабови, апстрактни геометриски форми, индустриски сензибилитет, интерпретација меѓу површина и длабочина со пулсирачки бои и форми вградени во повеќеслоен композициски пристап се принципите врз кои е создадена колекцијата.

 

И благодариме на г-ѓа Росица што одвои од своето време да ни одговори на неколку прашања.


Дивианартс:Г-ѓа Росица, вие сте едно од водечките модни имиња во Македонија и пошироко, кажете ни нешто за вашите модни почетоци. Какво е чувството после долгогодишно присуство на сцената да се биде помеѓу најпознатите модни брендови?
Г-ѓа Росица:Благодарам Дивианартс за убавиот вовед и инспиративните прашања. Моите модни почетоци се врзани со раното детство и постојана желба да дадам нов изглед на постоечките играчки и предмети во форма на предмети за облекување. Созревајќи, се повеќе станував свесна за внатрешниот порив да создавам предмети и облековни парчиња кои нема да бидат во рамките на просечното, туку ќе будат интерес заради нивната несекојдневна и различна природа. Логичен беше изборот за понатамошни модни студии во Холандија, земја која ги бутка границите и пркоси на традиционалниот дизајн, и е постојано во фокус на иновациите. Моите први професионални ангажмани се поврзани со престојот во Холандија, каде имав можност одблиску да бидам дел од модниот свет на Амстердам и Париз. Една од најинспиративните работни искуства ми беше кај нашиот реномиран дизајнер Горан Пејкоски, за кого работев на подготовки и презентација на негова “Haute Couture” колекција во Париз. Сопствениот моден бренд го започнав пред 11 години тука во Скопје, после неколку работни искуства за големи модни куќи како и предавачко искуство на Академија Италијана во Бангкок и Скопје. Работењето и развојот на сопствен бренд е долг процес, кој подразбира голема посветеност, упорност, надоградба, визија, постојани креативни предизвици, разбирање на средината и условите, а и многу често жртвување на она што најмногу ни е потребно- времето за себе. Чувството да се реализира сопствениот сон, да се видат плодовите од долгодишната работа, да се биде присутен помеѓу локалната и интернациолната сцена е исполнувачко и мотивирачко за нови креативни предизвици.
Дивианартс: Публиката ги гледа вашите креации како финален производ, имајќи во предвид дека е потребно да се вложи огромен труд во нивната изработка, би ве запрашала колку време е потребно да се реализира процесот од идеја до реализација на делата .
Г-ѓа Росица: Модната индустрија е една од најдинамичните индустрии. Позадината на оваа индустрија која се бави со убавината и естетиката, има многу малку од целата видлива блескавост и привлечност. Тоа што ја обележува индустријата се- кратки рокови за изработки и достава на колекции, ограниченост на времето за креативно изразување, кратки и набиени агенди за организирање на модни настани, дено ноќна комуникација со тимови кои се распоредени низ целиот свет. Тоа што брендот Росица Мршиќ го прави со сопствената линија е создавање на две сезонски колекции годишно за кои е потребно околу два месеца за создавање, промоција и пласирање на истата. Се обидуваме да наметнеме наше, сопствено темпо кое е прилагодено на нашите потреби и капацитети, а воедно да одговориме на потребите и побарувачката на нашите клиенти.
Дивианартс: Вашата најнова модна линија е создадена во необични услови со оглед на ново настаната состојба со корона-вирусот. Дали мислите дека светот на модата ќе остане ист и начинот на нејзиното создавање?
Г-ѓа Росица: Светот на модата и темпото на модната индустрија е веќе променета. Потребни беа неколку месеци, условени од пандемијата од Корона вирусот, за да се направат темелни промени и дизајнерите да го кренат својот глас за поодржлива, поетичка и мода која ќе одговара на вистинските потреби на секоја публика. Веќе се потпишуваат петиции за промена на модните календари како и за достава на колекциите, голем број дизајнери веќе излегоа од традиционалниот распоред на прикажување сезонски колекции, многу познати брендови најавија промена во начинот на работење за да се прилагодат и санираат економските штети од пандемијата, а одржливоста како се повеќе важен аспект во работењето на секој бренд и модна куќа станува се поактуелна тема. Тоа што брендот Росица Мршиќ го работи овие 11 години, е залагање за лимитирана високо квалитетна мода која е базирана на одржливиот концепт на создавање, има минимум импакт кон животната средина и работи по фер и етички стандарди. И за време на пандемијата, студиото продолжи да работи во ограничени услови и создаде колекција која е одговор на новата реалност и потреби кои ги живееме- нуди ведро и позитивно чувство, отсликува релаксираност и потреба за разиграност, а ја носи препознатливата лесна софистицираност и изгладена естетика на дизајнерката.
 
 
Дивианартс: Како би го опишале сопствениот моден стил.
 Г-ѓа Росица: Мојот моден стил е во линија со она што го создавам- урбана естетика која е безвременска, опуштено префинета и наклонета кон минимализмот но со експресивни, необични и храбри детаљи, без премногу гласни бои и нападни шари/ патерни. Јас сум вистински љубител на архитектонскиот, скулптурален и чист израз кој се допира со романтичниот и женствен “look”.
Дивианартс: За крај би ве запрашала дали имате омилен сликарски правец и омилен уметник.
 Г-ѓа Росица: Интересите и вниманието се движат во циклуси, а со тоа и посветеноста и љубопитноста кон одредени уметнички правци. Многу често се навраќам на различни правци од уметноста како инспирација за создавање колекции. Оние уметници чија работа ја почитувам и ме одушевува заради нивната графичност, слоевит пристап во градење на сликата, длабочина и карактерен израз се: Marc Chagall, Sonia Delaunay, Helen Lundeberg, Henri Rousseau, Wassily Kandinsky, Franz Kline, Gustav Klimt, Lorser Feitelson, Mark Rothko, David Hockney…
Благодарност до г-ѓа Росица за отстапениот фотографски материјал кој во целост е во нејзина лична сопственост.
Photo: Bisera Popovska
Model: Sofija Simonoska
Models In MUA: Jovana Kocik
Makeup Shoes: Boutique_via

НЕМА КОМЕНТАРИ