Во сабота (16.април), со почеток од 20 часот, во Македонската опера и балет ќе биде изведена балетската претстава „Лебедово езеро“, ремек дело на балетската класика.
„Лебедово езеро“ е во кореографија на гостинот од Украина, Виктор Јаременко, додека главните улоги ќе ги толкуваат: во улогата на Одета/Одилија ќе настапи Марија Кичевска Шокаровска, а улогата на Принцот Зигфрид, ќе ја толкува Бобан Ковачевски. Ротбарт, му е доверена на гостинот од Бугарија, Дојчин Дочев. Па де труа: Саша Евтимова, Билјана Басмаџиева и Игор Веланоски. Со оркестарот на МОБ ќе диригира, Бисера Чадловска. Настапува комплетниот балетски ансамбл на МОБ.
I чин
Младиот Зигфрид мечтае за љубов во замислена девојка во бело. Волшебникот на злото, Ротбарт, го користи тоа, за да докаже дека вистинската љубов не постои. Му овозможува на Зигфрид сон во кој тој е принц и каде што Големата Кралица ќе го прогласи за наследник, спремајќи му свадба, за која се испратени покани до најубавите девојки. Воедно, Ротбарт го носи на лов на езеро, каде што лебедите ги претворил во прекрасни девојки. Зигфрид се вљубува во убавата Одета и се колне во вечна љубов.
II чин
Во дворецот сé е подготвено за свадба, но Зигфрид не може да ја заборави Одета. Неочекувано се појавува нејзината сестра Одилија и тој маѓепсан од нејзината убавина и се колне на љубов. Но, магијата исчезнува и тој оди на езерото за да бара прошка од Одета. Ја моли да му прости, бидејќи некој владее со неговата волја. Се појавува Ротбарт и Зигфрид сфаќа кој е тој. Пука од самострелот но, наместо Ротбарт, погодена е Одета. Очаен, се фрла во езерото.
Епилог
Ротбарт е разочаран-Ако постои саможртвување, постои и љубов. Го запира сонот. Зигфрид се буди, а кон него се упатува прекрасна девојка во бело, токму онаква за каква што мечтаеше. Се упатуваат еден кон друг. Ротбарт го гледа сето тоа. Тој е силен, но да ја победи вистинската љубов, не е во негова моќ. Да се уништи тој, не е можно, но можно е да се победи! Ротбарт, заминува.
Divianarts.com е медиумски покровител на МОБ.