Балетската претстава „Рајмонда“, еден од бисерите на балетската класика, ќе биде изведена вечерва со почеток од 20 часот во Македонската опера и балет.

01

Претставата „Рајмонда“ е во кореографија на гостинот од Украина, Виктор Јаременко, додека во главните улоги ќе настапат првенците: Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили.

Во улогата на Абдурахман ќе настапи гостинот од Бугарија, Дојчин Дочев, а улогата Бела Дама ќе ја толкува Наташа Јосифовска. Со оркестарот на МОБ ќе диригира Бисера Чадловска.

„Рајмонда“ е претстава со прекрасни костими и спектакуларна сценографија, што ги изработи атељето на МОБ, под менторство на гостите од Украина: Гана Ипатиева и Андреј Злобин. Целиот проект почива на одличната музика на Александар Глазунов.

02

Рајмонда“ е балет во два чина. Светската премиера е одржана во Маринскиот театар во Санкт Петербург, во јануари, 1898 година. Либретото за балетот „Рајмонда“ е базирано на типичната драматургија која го обележува времето на Романтизмот. Во драмите (приказните) на овој уметнички правец доминираат темите за јунаштвото, благородништвото, љубовта, достоинството, честа и т.н. Во „Рајмонда“ тоа е Белата Дама со нејзиниот Бел Шал, инаку покровителка на благородничкото семејство на младата грофица Рајмонда де Дорис. Таа „секогаш“ е тука за да ја спаси честа на аристократите. Дилемата на младата грофица Рајмонда, кого да одбере за брачен сопатник, славниот благороднички рицар Жан де Бриен, или гордиот и властољубив сараценски јунак Абдерахман, Белата Дама, ја разрешува во корист на де Бриен.

03

ВОВЕД

Таинствената Бела Дама-покровителка на познатата фамилија на младата грофица Рајмонда де Дорис се појавува над древниот фамилјарен замок осветлена од месечевиот сјај. Таа раскажува една средновековна рицарска легенда во која се величат благородството, љубовта и посветеноста на долгот.

I ЧИН

Во замокот,пријателите и го честитат на Рајмонда роденденот. Дојде славниот рицар Жан де Бриен, да ја поздрави Рајмонда и да се прости пред воен поход. Грофицата Сибила и ја подарува на внуката венчаницата и ја доведува неа до Жан де Бриен. Тој и изјавува на Рајмонда љубов и и подарува бел шал. Се појавува кралот Андреј I Унгарски со придружба. Тој ги благословува рицарите кои предводени од Жан де Бриен тргнуваат во поход. Грофицата Сибила и Рајмонда ги испраќаат. Рајмонда е тажна. Белиот шал ја потсетува девојката на Жан де Бриен и неговата љубов. Одненадеж, во салата влегува сараценски рицар Абдерахман, кој слушал за убавината на Рајмонда и на прв поглед се заљубува во Рајмонда и и изјавува љубов. Абдерахман и подарува на Рајмонда црвен шал и исчезнува. Збунетата Рајмонда се обраќа за совет кон грофицата Сибила. Сибила ја смирува вознемирената Рајмонда, но нејзиното срце е полно со немир. Над прекриениот со мрак замок се појавува Белата Дама. Рајмонда како маѓепсана станува ги подава двата шала кон Белата дама, барајки одговор кој од двата рицари да биде нејзин избраник. „Тој што ќе го избере твоето срце“- одговори покровителката. Белата Дама ја носи Рајмонда во светот на волшебните сни. Рајмонда го гледа Жан де Бриен опкружен со млади девојки.Таа се стрчува кон него, но тој е воздржан и надмоќен во чувствата кон неа. Белата Дама замавнува со црвениот шал. Пред Рајмонда се појавува Абдерахман. Нивниот дует е полн со страст. Белата Дама замавнува со белиот шал. Визијата исчезнува. Првите сончеви зраци ја будат Рајмонда. Грофицата Сибила, ја прегрнува и ја смирува внуката која е вознемирена од сонот.

04

II ЧИН

Свечена сала во замокот. Прослава во чест на победата на Жан де Бриен. Музиката најавува нечие доаѓање. Рајмонда брза кон вратата, ама пред неа се појавува гостин што не го чекала – Абдерахман. Грофицата Сибила го поканува сараценскиот рицар да влезе со неговата бројна придружба.Не обрнувајки внимание на никого, Абдерахман и ја нуди на Рајмонда раката и срцето.Таа е збунета. Од една страна – нерешителност – од друга, упорност на прекрасниот сарацен, кој ветува раскошен живот полн со уживања. Абдерахман ја обвиткува девојката со црвениот шал и се обидува да ја носи со себе. Се појавуваат Жан де Бриен и кралот Андреј I со рицарите кои само што се вратиле од походот. Меѓу сарацените и рицарите пламнува судир. Кралот го запира судирот и бара Жан и Абдерахман да го решат спорот во двобој. Во мигот кога Жан го губи двобојот неочекувано се појавува Белата Дама и му ја враќа силата на Жан. Тој му нанесува смртен удар на соперникот. Распаметена, Рајмонда притрчува до Абдерахман. Зачуден Жан и ја пружа на невестата својата рака, но таа се оттргнува од него. Белата Дама ги обвиткува рамениците на девојката со белиот шал, и Рајмонда веднаш го заборава Абдерахман. Кралот ги спојува рацете на вљубените. Грофицата Сибила и кралот Андреј ги поздравуват гостите на свадбата на Рајмонда и Жан де Бриен, чијашто љубов минала низ тешки искушенија. Над замокот се појавува Белата Дама.

05

Divianarts.com е медиумски покровител на МОБ.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНајголемиот музеј на природни науки се наоѓа во Шангај
Следна објаваНеделен репертоар на Драмскиот театар (27.04 – 02.05)
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ