Познатата модна дизајнерка претстави над триесет уникатни креации под етикетата на брендот „EZ“, кои се наменети како за домашниот пазар, така и за љубителите на нејзината естетика во странство.

„Меllow“ е симболичниот назив на новата колекција потпишана од Евгенија Зафировска, чиишто текстури и волумени навидум еволуираат низ визуелни контексти без ограничувања и хоризонти. Триесетината модни парчиња се повеќенаменски, изработени во целост од природни материјали и со кроеви што ѝ ласкаат на формата на телото.

Во понудата на дизајнерката која живее и создава на релација Скопје-Љубљана, одново доминираат минимализмот и геометриските форми, како нејзин препознатлив стилски печат. Асиметричните креации се подеднакво нежни и впечатливи, со мека палета на тонови во која преовладува белата боја.

„Инспирација ми беше новата (не)реалност, кадешто ни се чини како времето да е во мирување. На површината сме решителни и смели, а во длабочината ранливи и кревки. „Mellow“ претставува моја идејна колекција за сегашноста, а воедно е и интимен осврт кон иднината, согледаани низ модна призма. Имав за цел да го одразам влијанието на околината, особено кога е нашата гардероба во прашање.“- истакнува Евгенија Зафировска.

Филозофијата на брендот „ЕZ“ е инвестирање во одржлива мода, преку изработката на парчиња облека кои немаат сезонски рок на траење, односно можат да се носат со години, во секакви пригоди и различни временски доба. Високиот квалитет, издржливоста на материјалите и безвременскиот дизајн се атрибути и на новата колекција „Меllow“.

 

За презентација на креациите на македонскиот пазар и во странство, дизајнерката подготви наменски каталог за сите модели. Уметнички директор на промотивната кампања е Милан Атанасов. Фотографиите се дело на креативното дуо Ангела Стојковска и Софи Лазовска од Frozen Time Drops, а во улога на заштитно лице се појавува манекенката Ана Ежова.

Колекцијата „Меllow“ од денес е достапна online на официјалната веб страница и социјалните мрежи на Евгенија Зафировска.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНа снежните врвови: Колекцијата Miu Miu есен / зима 2021/2022!
Следна објаваКолекција на непостоечки мебел со цена од 5 милиони долари!
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ