Домашните дизајнери добија нов концептуален продажен простор наречен Lotus Design Store кој беше отворен вчеравечер на вториот кат во Скопје Сити Мол.
Многубројните љубители на домашното дизајнерско творештво, парчињата облека имаа можност да ги видат на манекенките од модната агенција „Подиум“ кои ја имаа улогата на „живи кукли“.
Во новоотворениот Lotus Design Store, своите колекции ги продаваат Јована Филиповиќ, Ирина Тошева, Росица Мршиќ, Стефанија Насеска, Оливера Штакоска, Елена Спасовска, Александра Митковска со брендот Vibrazioni, Ludus и Le brand. На продажба се и парчињата накит од Daemonium на Магдалена Димковска, Kapka jewerly, познатиот француски бренд за кожни ракавици Thomasine, како и Lotus Lounge Chair, Завар Дизајн, Фејдом, Творница и српскиот бренд MOO SHEMA.
Први од уметничките дела и фотографии кои ќе бидат на продажба во иднина се фотографиите од серијата „Пет капки сон“ како и книгите на нашиот еминентен режисер Милчо Манчевски.
Lotus Design Store, во сопственост на дизајнерката Анита Гај е наменет за заедничка промоција и продажба на облека, модни додатоци, обувки, мебел, светилки, декоративни елементи но и скулптури, фотографии и книги. Lotus Design Store ќе функционира и како арт простор во кој ќе бидат организирани различни активности.