Оној кој работи со своите раце е работник.
Оној кој работи со своите раце и ум е занаетчија.
Но, оној кој работи со своите раце, ум и срце е уметник.
А оној кој работи со кафе и емоција? Приказната за вчерашното отворање на изложбата со интересно име – „Кафемоција“ започна со прилично обична агнедота чиј необичен резултат беше очигледен за сите присутни: „пред извесно време, брзајќи за на факултет, шолја кафе ми се истури врз лист хартија. Не стигнав да исчистам затоа што доцнев, па кога се вратив во моето ателје, ненамерниот хаос од релјефна кафена боја на бела хартија ми изгледаше прилично убаво. Така се роди мојата идеја за цртежи со помош на кафе, така што за брзо време ја совладав техниката…“ вели Драган Божинов, студент на факултетот за дизајн и мултимедија на ФОН Универзитет. Графички дизајнер според идната диплома, уметник во душа уште од рана возраст – Драган успева да направи совршен спој од сопствената потреба за уметност и кафето како неопходен извор на концентрација и уживање при работата. Како мотив, Драган претежно ја избира женската силуета и профил, претставувајќи ја во грациозни пози каде што може да се забележи нејзината улога на муза.
Кафемоцијата е отворена во период од 29 април до 7 мај, во Културно информативниот центар – Скопје.
Фото: Медина Хоџа