Тексас кошулата е едно од основните парчиња во гардеробата на секоја жена. Лесна е за носење и изгледа феноменално во речиси секоја модна варијанта.
Како и се’ друго од тексас материјалот, таа е секојдневно и лежерно парче, па најдобро прилега со класични или софистицирани детали. Комбинирањето на тексас кошулата со друг вид на облека е прилично едноставно, бидејќи можете да ја носите речиси со се’, слично како и фармерките. Постојат многу стилски предлози и начини да ја облечете, а доколку не поседувате ниту една кошула од тексас – набавете ја, бидејќи е парче облека кое навистина ќе ви треба во текот на пролетната и летната сезона. Можете да ја носите откопчана врз маица, во тандем со панталони, суќња или шорц. Тексас кошулата одлично одговара и со црни кожени панталони. Можете и да ја пикнете и во панталони доколку тоа вашата силуета го дозволува, или, пак, ноншалантно да ја заврзете околу половината. Користете ја и за да ги ублажите шарените, украсени или елегантни сукњи, со или без каиш. Уште еден тренд оваа сезона е и комбинирањето на тексас со тексас – светол со темен, тексас кошула со фармерки. Кога е накитот во прашање, овие сестрани и пред се’ пријатни и удобни кошули најубаво изгледаат во комбинација со големи и маркантни ланчиња. Имате ли и вие тексас кошула? Како најчесто ја носите? Ви претставуваме неколку инспиративни модни комбинации за таа намена.