Модната терминологија е голема и подразбира многу термини поврзани како со модата, така и со уметноста и културата. Најкористени и најпознати поими со испреплетено значење и употреба се: стил, вкус, кич, гламур, имиџ, мода итн. Овие поими често ги користиме во секојдневниот говор, не обрнувајќи внимание на нивното вистинско значење.


Мода и стил

Поради честото поистоветување на поимите потребно е да се нагласи разликата меѓу зборовите мода и стил. Додека модата го нагласува тоа што е ново и современо, што предизвикува неочекувана и чудна промена, стилот се развива постепено и трае многу подолго од модата. И додека се случуваат промени во стилот, тие се однесуваат само на некои негови карактеристики. На пример, кога се работи за облеката, се менува должината на сукњата, но не и кројот. Основниот стил е постојан и е база на сите евентуални, површни, модни промени. Тука би ја цитирала Коко Шанел дека “модата поминува, но стилот останува”. Модата ги одбележува надворешните промени, додека стилот значи технички напредок и функцонална промена на дизајнот. Како што изјавил G.Dorfes “секој стил станува модерен, а кога ќе помине модата на тој стил, тој е обично осуден на пропаѓање”. Терминот демоде, ни ја покажува разликата во овие поими. На стилот му треба многу повеќе време да се развие. Кога тоа ќе се случи, тој станува актуелен, излегува од мода или повторно се враќа во мода. Стилот како целина останува ист, но се менува модата и односот кон конкретен стил. Тука може да се споменат ретро стиловите кои повторно се враќаат во мода.
Во секојдневниот говор најчесто се мешаат или се користат во иста смисла термините стил и мода. Да се каже за некој дека има стил, односно дека има вкус за облекување е само донекаде правилно. Попрецизно би било да се каже дека има смисла за форма, боја, чувство за елеганција, дека знае да ја негува индивидуалноста во изборот на парчиња облека, да биде свој или во чекор со актуелната мода. Но, доколку мислиме на стилот како структурна, визуелна и духовна целина, тогаш сепак би можело да се говори за нечиј стил. Така квалификацијата “личност со стил” конкретно би значела дека таа личност знае што да облече, знае што и стои, како тоа да го надополни со детали и на крај сето тоа тоа да го усогласи со културно однесување во конкретната ситуација во која се наоѓа.

Вкус


За естетичарите зборот вкус значи способност за пресудување за нешто убаво и уметничко. Па така често во секојдневниот говор слушаме за некој да се каже дека има или нема вкус, но и за нешто дека е вкусно и убаво без разлика дали да се работи за храна, облека, уреден простор или начин на однесување. Поради повеќето значења на овој термин не постојат врховни авторитети кои одредуваат што е (не)вкусно и затоа често се вели “За вкусовите не се дискутира”, значејќи дека секој човек има свој вкус, односно индивидуален фактор дали е нешто убаво или не убаво.

Кич


Постојат многу зборови за означување на лошиот вкус, но зборот кич има универзално значење и е општо прифатен. Етимологијата не е со сигурност утврдена, но се верува дека доаѓа од германскиот збор verkitshen (лоша роба), а означува дело без уметничка вредност. Сличен е и терминот шунд кој има германско потекло значејќи ѓубре. Иако овој поим настанал на уметнички терен тој брзо се проширил на многу области од животот.
Кичот е всушност ефтина копија на нешто што се смета за естетски вредно. За економски моќните луѓе кич се смета она што излегло од мода, а се уште се користи меѓу модно “неосвестените” слоеви. За кич може и да се сметаат оние кои претерано ја следат модата, оние чија телесна конституција не е во склад со модните предлози или години и пренагласената украсеност на индивидуата со детали.

Гламур


Поимот гламур се однесува на екстраваганцијата и убавината. Потекнува од англискиот збор glamour (раскош, сјај) значејќи магична или фиктивна убавина на некоја личност или објект. Всушност гламурот е поубавата верзија на реалноста, намерно проектиран заслепувачки ефект на сјај за некого или нешто во околината. Во современата култура гламурот освен друштвен (престиж) и конзумерски феномен асоцира на луксуз, забава, театралност и еротичност. За разлика од имиџот кој се гради постепено, дејството на гламурот е привремен, но ефектен. Тој најчесто се поврзува со естрадата и модата. Филмската индустрија во Холивуд е најзаслужна за комерцијализацијата на овој термин.

Имиџ


Од англискиот збор image (слика) или латинскиот збор imago (лик, слика). Имиџот ги опфаќа сите карактеристики и духовни активности. Изгледот, манирите, вокабуларот, гестикулацијата, интересите и животниот стил. Тој е друштвена, понекогаш и променлива категорија. Се создава, дефинира, нарушува, може да биде добар или лош, оригинал или копија. Секој поединец сака да се претстави онаков каков што е, ама и онаков каков би сакал да биде. Тука се појавува и манипулаторската верзија на имиџот благодарение на модата, козметиката и естетската хирургија. Имиџот и се копира. Го пласираат јавните личности и тој е масовно копиран од “обичните”, најчесто млади, луѓе. Во градењето на сопствениот имиџ најважно е да се следи внатрешниот сензибилитет, и да се инсистира на оригиналност од надворешниот изглед до начинот на однесување и размислување.

*авторски текст.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваДали сте опседнати со вистинските работи?
Следна објаваЦрниот лилјак | Wiesmann Roadster MF5 V10
Вљубеник во уметноста и дизајнот, пружа несекојдневна и ретка презентација на истите. Носител на особена артистичка визија поткрепена со последните модни случувања, својата визуелна меморија успешно ја инкорпорира во светот на заборавените уметнички вредности. Подржувач и промотор на хуманоста, вешто ја унапредува како креативната, така и хуманата страна на животот.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР