Како вистинска антитеза на фикцијата, осмиот роман на Гијом Мисо е верен на авторскиот уникатен стил со примеси на модерна литература, бидејќи Мисо не си дозволува да истапи од својот шаблон на пишување каде што ги празнува сите видови на уметност. Ако досега во неговите романи забележавме детални архитектонски и ентериерни описи, ако се идентификувавме со понудените стихови и филмови, ако научивме повеќе за сликарството и кулинарството; во „Девојката од хартија“ очекувано станува збор за литературата како неоспорлива уметност со зборови.

Романот ја третира темата на писателскиот благослов и писателското проклетство во исто време, дозволувајќи му на Том Бојд да се искачи на пиедесталот на светска слава со неговата „Триологија на Ангелите“, за да доживее писателски блок и впечатливо отсуство на инспирација кое резултира со целосно повлекување од цивилизацијата. Голема улога во истото одигрува неговата бивша девојка Аурора, која ја уништи смислата на неговото постоење.

Се случува некогаш некоја жена да сретне некој загубен човек и решава да направи од него здрав човек. Тоа се случува понекогаш.
Се случува некогаш некоја жена да сретне некој здрав човек и решава од него да направи загубен човек. Тоа се случува секогаш.

Почнувајќи со ваква депресивна најава, авторот не води кон претставување на развојот на односите помеѓу ликовите – магијата на светото пријателско тројство, кое се случува да премине од темната страна на Лос Анџелес кон светлата; каде неговиот менаџер Мило е негов најдобар пријател, додека полицаецот Керол е негова најдобра пријателка уште од детството. Застојот во писателската инспирација и работа го најавува почетокот на крајот: ако Том не го напише последниот, трет дел од триологијата, му се заканува банкрот и напуштање на лагодниот животен стил. Обиди на сите можни начини, но безсупешни – Мило и Керол се неспособни да го извлечат Том од амбисот во кој тој падна и од кој решително одбива да се спаси. Се’ додека една вечер

„Таа се појави на мојата тераса среде бурна ноќ, мокра до гола кожа и навистина гола.
– Од каде дојде ти?
– Паднав…
– Падна, од што?
– Паднав од Вашата книга. Знаете, од Вашата приказна!“

Кога Били се појавува во неговиот живот на ваков начин, тој со последните рационални сили одбива да поверува дека таа е НЕГОВИОТ ФИКТИВЕН ЛИК, Били Конели од „Трилогијата на Ангелите“, споредна улога заљубена во погрешен маж. Но, сега таа стои пред него со нелогично објаснување дека паднала од неговата приказна – точно на страница 226, бројка која Том ја знаеше бидејќи истиот ден на Мило му јавија дека станува збор за грешка во последниот тираж на втората книга. На работ од лудило, Том се форсира себеси да го сврти бројот на полиција или болница, но, не го прави тоа. Сите информации кои „Били“ ги знае ги поместија наводниците и сомнежите коишто беа длабоко вгнездени во главата на Том; така што, колку и оваа девојка да го доведуваше до лудило, таа ја зборуваше вистината! Едно запознавање и еден договор придружен со зајадливи коментари, дрзок сарказам и караници кои се типични за стари брачни другари – Том и Били се упатија кон патувањето на нивните животи. Били му вети дека ќе направи се’ за Аурора да се врати во неговиот живот доколку тој ги напише потребните страници за таа да биде среќна со човекот кој го сака, човекот кој ѝ беше забранет.

„Најкорисните книги се тие, чиишто читатели самите ја создаваат половината од нив.“

Постоечкиот микс на карактери составен од Том, Мило и Керол е видливо збогатен со живоста и енергијата на Били, девојката од хартија – девојката која од петни жили се труди да го избрка сивилото од животот на Том, враќајќи ја белината на страниците коишто допрва требаше да се напишат. Се’ тоа беше доволно остварливо со нејзината платинасто руса коса, долгите нозе и необичниот смисол за хумор. Просто, човек да поверува дека е измислена! Токму кога Том почна да се враќа на свои нозе и се’ уште заглавен во својот писателски блок, нешто чудно почна да се случува со Били… чести главоболки и несвестици, анемично исплукување на темна и густа течност слична на мастило и одненадежно губење на виталните причинители на постоење… веќе беше јасно, Били ќе умре ако Том не продолжи да пишува. Во меѓувреме, во рамките на планетата Земја по волја на судбината остана уште еден примерок на погрешниот тираж кој завршува на 266 страница. Потребната ентропија е постигната, заговорот на модерното време реално се случува додека Били се бори за живот, а Том ја придружува во борбата додека белиот екран и цртичката која трепка се сеуште вистинска закана за девојката која што му го промени животот. Дали авторот ќе ја спаси својата девојка од хартија и дали ќе ја задржи жената на својот живот, останува на читателот да се соживее со приказната и да го исполни својот дел од истата.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваТропскиот рај на островот Маурициус
Следна објаваВероника реши да умре – Пауло Коелјо
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ