,,Многу сум возбуден!’’ (,,Los Amantes Pasajeros’’, ,,I’m so excited!’’) е најновата урнебесна комедија од Педро Алмодовар, шпанскиот мајстор на филмската уметност, која води на несекојдневен ,,лет’’ низ човечките судбини, со ликови кои повторно отскокнуваат од матрицата на просечното, и стандардната доза необичен хумор, сексуалност и колоритна естетика, препознатлива за филмскиoт исказ на режисерот. Одново соработува со милениците Пенелопе Круз и Антонио Бандерас, но овој пат тие имаат само специјално појавување, а одличната актерска екипа ја сочинуваат докажани актерски имиња, како Сесилија Рот, Хавиер Камара, Антонио де ла Торе, Карлос Аресес, Мигел Анхел Силвестре, Хуго Силва и Раул Аревало.

Los-amantes-pasajeros

Содржина:

Поради техничка грешка на летот 2549 од Мадрид за Мексико, во опасност се доведени животите на сите патници и целокупниот екипаж, а пилотите во соработка со контролорите на лет се исправени пред невозможната мисија да го пронајдат решението на проблемот. Но, затекнатите личности во авионот не се нималку типични ликови, туку на исто место, на големата височина во облаците, иста судбина дели ,,неверојатна’’ екипа составена од ретки чудаци, невротичари и ексцентрици. Одлуката е последните мигови од животот да ги минат уживајќи, како најдобро умеат, а низ бројните исповеди, различните човечки судбини се испреплетуваат во низа урнебесни ситуации, згоди и незгоди, кои на јунаците ќе им помогнат полесно да се соочат со неизбежното. Пресметката е едноставна – се на што се сведува нивниот живот се 2 нешта: сексот и смртта.

los-amantes-pasajeros-01-620x343

los-amantes-pasajeros-02-620x343

Мислење:

,,Многу сум возбуден!’’ е филм со кој оскаровецот Педро Алмодовар уште еднаш потсетува зошто со својот неприкосновен талент и оригиналност важи за виртуоз на европската кинематографија. Навраќајки се жанровски и тематски на пикантните комедии кои го одбележаа неговиот филмски опус во 80-тите и 90-тите години, Алмодовар на филмските љубители им нуди ведро соочување со горчливите теми од денешницата, сервирано во неконвенционално хумористичен, и извонредно трагичен филмски израз. Насловот води на стилизирано бегство од монотоното секојдневие, на  90-минутен филмски ,,лет’’ со атипчни,  барокни и помалку гротескни ликови, а ни овој пат не изостануваат лајт-мотивите на филмската поезија на Алмодовар, неговата љубов кон боите, фасцинацијата од убавината и жените, кокетирањето со сексуалноста, и стремежот за црвен свет на високи потпетици. Филм кој знае како да ги разбуди гледачите, да ги забавува и насмее, служејќи се со остроумни и бистри дијалози, атрактивна, напната, возбудлива, и на моменти нереална атмосфера, и естетика која ги празнува ретро модата и софистицираноста. Можеби не е најдобриот филм кој го понудил еминентниот шпански режисер, но со сигурност ги содржи најдобрите елементи и слободата, по која истиот е препознатлив и почитуван од филмските сладокусци. Задолжителен е за погледнување за вљубениците во Алмодовар, оние кои ги воодушевиле неговите претходните филмски остварувања, но и сите љубители на комедиите со нетипичен хумор, надвор од американските клишеа.

00004

Најновото остварување на Алмодовар ,,Многу сум возбуден!’’ премиерно се прикажува пред македонската филмска публика во рамки на главната програма на 16.Скопски филмски фестивал.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваФото на денот | Свет на мажите
Следна објаваБетмен кацига
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ