Постоеше време кога Шелдон беше господар на современата проза, обично ќе слушнете од луѓето. Книгите од типот на Гневот на ангелите, Господар на играта или После полноќ беа апсолутно натпросечни, како во продажба, така во квалитет – при што наметнатата тишина пред да се појави следното ремек-дело ги остави неговите фанови прилично разочарани во сопственото исчекување. Барем до оној момент кога г-дин Шелдон не ја запраша неговата публика дали се плаши од темнината…

„Колку што знаеме, оваа планета Земја е единственото погодно место за живот на човечката раса; но, ние сме причинители на огромно труење на земјиштето и океаните и воздухот, со неверојатна брзина!“.

Силата на Сидни Шелдон лежи во неговата книжевна обработка, во неговата способност да произведе сериозни и интересни карактери за кои читателот се приврзува уште во воведот за да стане зависен од мрежата на настани која кулминира во динамичен заговор. Токму ова се случува во „Дали се плашите од темнината?“. Немојте да се изненадувате на сопствената темелност додека се борите против несоницата во темните ноќи – приказната започнува со четири убиства во четири различни градови: Берлин, Париз, Денвер и Менхетен. Насилно и мистериозно, чинот на убиство се случува истовремено. Жртвите имаат едно нешто што им е заедничко, а тоа е врска со Меѓународната група Кингсли, кое всушност претставува влијателен тинк-тенк силно инволвиран во воените истражувања и светските еколошки прашања. Уметникот Дајен Стивенс и моделот Кели Харис, ожалостени сопруги на две од жртвите се наоѓаат себеси обединети во болката која е производ на случајност. Полека, обете чувствуваат обврска да формираат алијанса кога станува повеќе од очигледно дека нивните животи се во опасност, при што се доаѓа до сознание дека одговорноста за тоа што и двете се обвиени во црно тежи во еден извор. Страшен развој на очекуваниот заговор, креативно портретирани ликови кои го губат акцентот кон крајот на романот кој имено, успева да ги збуни читателите. Станува збор за извесни ирационални одлуки кои Дајен и Кели ќе ги донесат, што подоцна всушност води кон став дека Шелдон намерно ја користи ранливоста на женскиот карактер за да направи од нив моќни хероини, создадени по добро-позната шема. Со ветена помош од Танер Кингсли, колега на нивните сопрузи, овие две млади вдовици навлегуваат во сржта на интригите напуштајќи го само-сожалувањето и непреболот, свесно одлучни да ја откријат опачината на извршените злосторства, соочувајќи се со границите на сопствената храброст и разумност. Во обидот да ја расветлат ситуацијата при која ги изгубија своите животни сопатници, самите ќе се соочат со темнината која се заканува да ја загрози нивната лична егзистенција!

Познат по својот високо комерцијален стил на пишување, неговата крајна цел не изостанува во „Дали се плашите од темнината?“ – животен кошмар кој нема да Ви дозволи да им верувате на блиските, па дури ни на воздухот кој го дишите.  Основата на приказната е крајно симплифицирана, без никакви теории на заговор или владини агенции кои си го штитат сопствениот интегритет. Но, долго-метражноста од 350 страници со восхитувачки напредно темпо придонесува за неочекувани пресврти (на пример, антагонистот се открива дури по средината на романот), каде патем, концизноста е круцијална алатка која го заведува читателот. Покрај тоа, зачинувањето со социјален и еколошки аспект е вистинско збогатување на искуството. Сума сумарум, доколку сте во потрага на комплетно едноставен и длабок трилер, ова е вистинската книга за Вас.

 

СПОДЕЛИ
Претходна објаваИмпровизирани домови | Steve McCurry
Следна објаваProfilography техника | Пабло Гарсија
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР