Некогаш одамна живееше човек кој не веруваше во љубовта. Тоа беше еден обичен човек како тебе и мене, но тоа што го правеше посебен беше неговото размислување. Тој сметаше дека љубовта не постои. Голем дел од животот го поминал во потрага по љубовта, само за да открие дека таа не постои.

Каде и да одеше тој човек, постојано кажуваше дека љубовта не е ништо друго освен пронајдок на поетите, пронајдок на религиите; за да се манипулира со слабата човечка свест, за да имаат контрола над луѓето, за да ги натераат да веруваат . Тој велеше дека љубовта не е реална, поради тоа не постои човек кој би можел да ja открие љубовта, дури и кога ја бара.

Овој човек беше високо интелигентен и многу убедлив. Тој велеше дека љубовта е како дрогата. Може да те издигне многу високо, но создава и силна потреба. Лесно може да се стане зависник од љубовта, но што се случува ако не ја добиеш својата дневна доза љубов? Едноставно како и кај дрогата, ти имаш потреба од твојата секојдневна доза.

Сметаше дека повеќето љубовни односи се како односите помеѓу наркоманот и давателот на дрога. Оној што има поголема потреба, е како наркоман, а оној што има помала потреба, е како доставувачот. Оној кој има помала потреба, тој ги контролира односите. Можете да ја видите оваа движечка сила сосема јасно, бидејќи обично во секоја врска едниот сака повеќе, а другиот сака помалку и го користи оној кој го дава своето срце. Можете да го видите начинот на кој тие меѓусебно се манипулираат, нивните активности и реакции, и ќе согледате дека тие се исто како доставувачот и наркоманот.

Оној кој има поголема потреба, живее во постојан страв дека можеби нема да ја добие следната доза љубов или дрога. Зависникот вели: “Што ќе правам ако таа ме напушти?” Овој страв предизвикува кај него силно чувство на сопственост: “Ова е мое!” Зависникот станува љубоморен и бара повеќе поради стравот да не добие следна доза. Доставувачот може да го контролира и манипулира оној кој има потреба од дрогата, давајќи му поголеми или помали дози. Оној што има поголема потреба, целосно се предава и ќе направи се што може за да не биде напуштен.

Човекот продолжи да објаснува на секој зошто љубовта не постои. “Она што луѓето го нарекуваат љубов, не е ништо друго туку односи на страв, базирани врз контролата. Каде е почитувањето? Каде е љубовта која тврдат дека имаат? Нема љубов. Младоженците при нивно доставување пред Бог, пред нивните семејства и пријатели даваат многу ветувања еден на друг – да живеат заедно засекогаш, да се сакаат и почитуваат еден со друг и ветуваат, и ветуваат… Забавно е тоа што тие навистина веруваат во овие ветувања. Но по бракот, една недела подоцна, еден месец подоцна, неколку месеци подоцна – можете да видите дека ниту едно од овие ветувања не се почитува. Она што го гледате е војна за контрола – да се утврди кој кого ќе манипулира. Кој ќе биде давателот и кој ќе биде пристрасен. Ќе видите дека неколку месеци подоцна, почитта, за која се заколнале дека ќе чувствуваат еден кон друг е исчезната. Можете да видите негодувања, емоционален отров, како се повредуваат еден со друг. Малку по малку лутината расте и тие не разбираат кога љубовта завршува. Остануваат заедно, бидејќи се плашат да бидат сами, се плашат од мислењето и обвинувањата на другите. Се плашат исто така и од своите обвинувања и мислења. Но, каде е љубовта?

Овој човек потенцираше дека видел многу стари двојки кои живееле заедно 30, 40, 50 години заедно и се горди што живееле толку долги години заедно. Но кога зборуваат за односите меѓу себе, велат: “Ние го одржавме бракот”. Тоа значи дека едниот се предаде на другиот. Во еден момент едниот се предал и одлучил да се потчини на страдањето. Оној со посилна волја и помала потреба ја освојува војната, но каде е тој пламен, наречен љубов? Тие се однесуваат еден кон друг како кон сопственост. “Тој е мој. Таа е моја.”

Човекот продолжи да зборува за сите причини поради кои смета дека љубовта не постои и велеше: “Љубовта е минато за мене. Никогаш повеќе нема да му дозволам на некој да манипулира мојот ум и да го контролира мојот живот во името на љубовта. “ Неговите аргументи беа доста логични и тој успевал да убеди многу луѓе со своите зборови… Љубовта не постои.

Потоа еден ден човекот шеташе во паркот и тука на една клупа седеше убава жена која плачеше. Кога виде дека плаче, седна до неа и ја праша дали може да и помогне. Ја праша зошто плаче. Можете да замислите каква беше неговата реакција кога дозна дека таа плаче, бидејќи љубовта не постои. Тој рече: “Тоа е неверојатно – жена која верува дека љубовта не постои!” Се разбира, тој сакаше да дознае повеќе за неа.

“Зошто велите дека љубовта не постои?”, праша тој.
“Па, долга историја“, одговори таа. “Се омажив кога бев многу млада, со сета своја љубов, со сите илузии, исполнета со надеж дека ќе го споделам живот со тој човек. Се заколнавме еден на друг на верност, љубов и почит и создадовме семејство. Но наскоро се се промени. Јас бев сопруга, која се грижеше за децата и за домот. Мојот сопруг продолжи да ја развива својата кариера. Неговиот успех и имиџ надвор од дома беа поважни отколку семејството. Тој ја загуби почитта кон мене и јас кон него. Во еден момент јас открив дека ниту тој ме сака, ниту јас него. Но децата имаа потреба од татко и тоа беше моето извинување да останам со него и да го поддржувам. Сега децата пораснаа и не напуштија. Немам повеќе изговори да останам со него. Нема почит, нема добрина. Знам дека и да запознаам некој друг, ќе биде исто, бидејќи љубовта не постои. Нема смисла да се бара нешто што не постои. Затоа плачам.

Тој ја прегрна и рече: “Во право сте, љубовта не постои. Ние бараме љубов, ги отвораме срцата и стануваме ранливи, само за да откриеме егоизам. Тоа не повредува, дури и да не мислиме дека ќе бидеме повредени. Не е важно колку искуства сме имале, секогаш се случува истото. Зошто тогаш да бараме љубов? “

Тие толку си личеа и станаа најдобри пријатели. Беше одлична врска. Со секој чекор кој го правеа заедно, беа среќни. Немаше завист и љубомора, немаше контрола, немаше сопственост. Односите продолжија да се развиваат. Сакаа да се заедно, бидејќи многу се забавуваа. Кога не беа заедно си недостигаа.

Еден ден мажот беше надвор од градот, кога на ум му дојде чудна идеја. Тој си помисли: “Хм, можеби она што чувствувам кон неа е љубовта. Но тоа е толку различно од она што сум почувствувал досега. Не е она што поетите велат, не е она што религијата вели, бидејќи јас не сум одговорен за неа. Не сакам ништо од неа. Не ми треба таа да се грижи за мене. Немам потреба да ја обвинам за моите тешкотии и да и ги предавам своите драми. Најдобро се чувствуваме кога сме заедно, забавно ни е, го почитувам начинот на кој таа мисли и чувства.  Јас не чувствувам љубомора, кога таа е со другите луѓе. Не чувствувам завист кон успесите нејзини. Можеби љубовта постои, но тоа не е она што луѓето мислат за неа. “

Едвај чекаше да се врати дома и да зборува со неа, да и каже за чудната своја идеја. Веднаш штом започна да зборува, таа рече: “Знам точно за што ми зборуваш. Го имав истото чувство веќе долго време, но не сакав да го поделам со тебе, затоа што знаев дека не веруваш во љубовта. Можеби љубовта постои, но тоа не е она што мислиме.” Тие одлучија да станат љубовници и да живеат заедно и неверојатно беше што работите не се променија. Тие се уште се почитуваа, поддржуваа еден со друг, а љубовта растеше се повеќе и повеќе.

Срцето на мажот беше толку исполнето со љубов и една ноќ се случи големо чудо. Тој гледаше во ѕвездите и ја откри најубавата, а љубовта му беше толку голема, поради што ѕвездата започна да паѓа од небото и наскоро падна во неговите раце. Потоа се случи второ чудо, љубовта му се спои со ѕвездата. Тој беше крајно среќен и едвај чекаше да отиде кај жената и да ја стави ѕвездата во нејзините раце, за да ја докаже својата љубов. Откако тој стави ѕвездата во нејзините раце, за миг кај неа се јави сомнеж и во тој момент ѕвездата падна од нејзините раце и се скрши на милиони мали делови.

Сега има еден возрасен маж, кој го обиколува светот, кој се колне дека љубовта не постои. Постои исто така убава постара жена, која седи дома, го чека мажот и рони солзи за рајот, кој некогаш го имаше во своите раце, но за еден миг на сомневање, таа го испушти.

***

Кој згреши? Дали сакате да дознаете што не беше во ред. Грешката беше од страна на мажот, бидејќи мислеше дека може да и ја даде на жената својата среќа. Ѕвездата беше неговата среќа и грешката му беше што ја стави својата среќа во нејзините раце. Среќата никогаш не доаѓа однадвор. Тој беше среќен поради љубовта. Но, во моментот кога тој ја направи одговорена за својата среќа, таа ја пушти ѕвездата, бидејќи не можеше да биде одговорна за неговата среќа.

Не е важно колку го сакала жената, таа никогаш не би можела да го направи среќен, бидејќи таа никогаш нема да разбере што тој има во главата. Таа никогаш не би разбрала какви се неговите очекувања, бидејќи не ги познава неговите соништа. Ако ја земете својата среќа и ја ставите во рацете на некој друг, порано или подоцна тој ќе ја скрши. Затоа среќата може да дојде само од внатре како резултат на љубовта и вие сте одговорни за својата среќа. Никогаш не можеме да ја префрлиме на друг одговорноста за нашата сопствена среќа, но кога одиме во црквата, прво нешто што го правиме е разменување на прстените. Ја ставаме ѕвездата во рацете на другиот, очекувајќи дека тој ќе нe прави среќни и ние него. Не е важно колку сакате некого, вие никогаш нема да бидете она што другиот очекува од вас.

Ова е грешка која повеќето од нас ја прават уште во почетокот. Верувајте во љубовта, таа постои и само таа може да Ве направи среќни. А среќата чувајте ја само во своите раце.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНаправи сам | Срциња на лактите
Следна објаваЧовекот и океанот | Mark Tipple
Членот на креативното семејство кој ја перцепира уметноста како експресионистичка и прогресивна категорија. Со фотографска меморија и селективно избирање и величање на големите уметници, успешно ја промовира креативната страна на животот. Како застапник на уметничките вредности во разнообразност, вистинското креативно освежување и инспирација го бара во историски маркантните показатели на уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР