Ми предложија да ти напишам писмо и јас прифатив затоа што ова што сакам да ти го кажам тебе се однесува на сите твои врсници, поточно на сите што ќе имате 20 години во 2000 година.
Кога ќе го читаш ова писмо што ти го пишувам сега, мене веројатно веќе ќе ме нема. Затоа писмово има и вредност на тестамент зашто мислам дека друго и нема да пишувам затоа што не можам да ти оставам ништо освен сеќавања. Не сакам ни да те советувам, ни да те предупредувам, ни да те бодрам ниту да правам што било слично на тоа. Многу совети, добри или лоши, веќе си имала можност да слушнеш и многу допрва ќе чуеш, па се сомневам дека и мојот придонес во тој поглед би ти помогнал нешто. Затоа ќе се задоволам овде да ти ги изразам своите мисли, чувства, мислења и уверувања.

Повторувам дека сеќавањето е единственото богатство што можам да ти го оставам. Сеќавањето на една личност, која, верувам, си ја сакала и тоа независно од нејзината вредност, што го сметам уште поважно

Којзнае што ќе правиш по дваесет години! Којзнае каква ќе бидеш! Којзнае дали тогаш, како денес, ќе бидеш интелигентна, нежна, храбра, горда, искрена, инвентивна, полна со смисла за шега! Се надевам дека ќе бидеш. Но сигурно е дека светот ќе стори сé за да ти помогне да ги загубиш сите тие убави лични карактеристики. Против тебе ќе се здружат сили, а особено една – стравот.

Страв од изолација и прекорувања од општеството, страв од сиромаштија, страв од неуспех, од обврски и одговорности, од борба, од самотија, страв од луѓето, страв од смртта. Ми се чини дека стравот е најтешката болест што го загрозува човештвото и, очигледно, средство што гарантира успех на секоја уцена, основен инструмент со помош на кој секој може да биде принуден да се приспособи на одредена ситуација, какво и да е зло во прашање. Стравот е најдобар пат по кој може секој да се одрече од својата автономија, од независноста и, на крајот, од слободата.

Сега од ништо не се плашиш и тоа за мене е големо задоволство. Во тебе сe уште не забележувам знаци на страв што умеат само возрасните да им ги всадат во главите на децата. Сакам да те набљудувам како сама стекнуваш искуства, како се движиш по мрачната соба, како ги проучуваш инсектите и животинките во природата, како се обидуваш да го погалиш песот скитник или како мирно им приоѓаш на непознати луѓе. Во овој свет, ти и твоите врсници сте вистинска утеха.

Секако, се надевам дека тоа вечно ќе трае, дека секогаш ќе бидеш таква, благородна и борбена, сигурна и силна, горда и мила. Ако успееш, ќе ги имаш, според мене, сите услови да го избереш вистинскиот пат. Можам да кажам, барем што се однесува на мене, дека не сум носел баш најсреќни одлуки во животот притиснат од стравот и од несигурноста.

Во една пригода, откако со рачето ми ја покажа четвртината Месечина, ми објасни дека е скршена. Потоа ме уверуваше дека тоа ти си го сторила и ми покажа како си го сторила: ја фати со двете раце и силно ја тресна од земја. Тогаш имаше осумнаесет месеци. На твојата мечта и на мечтата на твоите врсници нема граници. Уверени сте во својата нескршливост, својата семоќ. Верувате дека можете да го измените светот. Претерувате. Но возрасните претеруваат во друга смисла. Тие се „практични“, „реални“, „конкретни“. Ќе видиш, ќе ти зборуваат дека светот отсекогаш бил таков и дека таков ќе биде секогаш. Ќе ти зборуваат дека отсекогаш имало сиромашни и богати, дека отсекогаш имало беда, со тоа и глад, привилегии, ропство, војна. Ќе ти зборуваат дека секој што се обидел да измени нешто се струполил право во пропаст.

Сосема се лишени од мечтата. Дури и од надежта. Ако не е веќе остварено нешто, ќе ти речат дека е невозможно да се оствари. Дека човекот е создаден така, дека општеството е такво, дека светот е таков. И ќе ти речат дека помирувањето со состојбата е единствената разумна работа. И приспособувањето. И по дваесет години ако ги поседуваш креативноста и самодовербата со кои располагаш и денес, и ако им одговориш дека, со волја може да се менува, особено положбата на луѓето, ако им одговориш дека светот може да се заснова на чувствени односи наместо на пари, ако им одговориш дека треба да се размислува за свет што се состои од луѓе, а не од господар и слуга, ако им одговориш така, ќе ти речат дека сето тоа е само утопија.

Во твојата куќа во 2000 година уште ќе стојат, барем се надевам, работите што им припаѓале на твоите дедовци и на родителите на нивните дедовци. Ќе има книги, слики, предмети од секаков вид, цртежи, ракописи, фотографии, сé што им припаѓало на генерациите што ти претходеле. Дребулии без вредност, ако сакаш, но со сведоштва за долгата историја чиј дел си била и ти пред да се родиш.

Традиција. Според мене, не треба да се фрли сето тоа. И традицијата има свое значење, иако не она штоñсе дава најчесто. Пред сé, се смета дека традицијата е правило што треба секогаш и секаде да се следи, како збир од обичаи и навики што треба да се зачуваат недопрени и во сегашноста и во иднината. Јас, повторно, сметам дека вредноста на традицијата не е во тоа, туку во нешто сосема друго: традицијата, како и сé друго што се однесува на минатото, треба да служи исклучиво како почетна точка за да се направи повеќе и подобро, значи поинаку. Поетот и филозоф Џурбан рекол: Животот продолжува, не се запира на вчера. Ние, меѓутоа, очајнички се фаќаме за вчера и тогаш традицијата станува товар, кој не ни дозволува да напредуваме, затвор од кој не можеме да излеземе, дури и не сакаме, затоа што иднината, непознатото, новото, различното предизвикуваат страв.

Ете, тој збор пак се враќа. Ќе ти речат дека стравот е чувство што го обзема секого. Да, точно е. Но стравот не го уништува секого. Тебе нема, на пример, и не само заради твоето детско незнаење, туку и заради тоа што си целата насочена кон работите и луѓето кои ги сакаш, кон освојувањето и прогресот, кон светот. Накусо, ти си надвор и над својата личност. Оние што и кога ќе пораснат остануваат такви многу се посилни од каков било страв.

Тоа се, како што ти реков на почетокот, моите мисли и чувства што ме обземаат додека си играм со тебе. Ова писмо што ти го оставам е само делче од мојот живот. Направи од својот, се разбира, само она што ќе посакаш ти самата.

Коментари

коментари

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР