Кралот Мидас бил познат по својата алчност и богатство. По цел ден го минувал броејќи го и криејќи го во своите одаи. Едно попладне додека ги броел своите парички, чуварите донеле еден гостин кој сакал да му исполни една желба. Воодушевен од понудата Кралот веднаш рекол:
Сакам се што ќе допрам да се претвори во злато.
Гостинот го прашал дали е сигурен во својата желба. Кралот одговорил потврдно.
Рано наутро, по изгрејсонцето, Вие, почитуван кралу, ќе го добиете својот златен допир- му рекол гостинот и заминал.
Така и било. Утрото само што станал од својот кревет, постелнината и облеките се претвориле во злато. Погледнал од прозорецот и ја видел својата преслатка ќерка како игра во дворот. Задоволен седнал да чита книга, но само што ја допрел, се претворила во злато и неможел да чита. Дошол во трпезаријата да појадува и само што ја допрел чинијата таа се претворила во злато.
Неможам ниту да јадам, ниту пак да читам злато, си рекол во себе. Одеднаш се појавила ќеркичката, насмеана и весела и само што ја прегрнал, се претворила во златна статуа.
Солзи му ги наполниле очите и веднаш им наредил на слугите да го пронајдат гостинот кој му ја исполни оваа желба. По неколку часа гостинот се појавил во кралските одаи и кралот го преколнувал да го прекине тоа златно проклетство, велејќи дека не му треба никакво богатство ни злато, ако ги нема насмевките на својата ќерка. Гостинот се сожалил и ја прекинал магијата. Повторно се’ се вратило во нормала.
Искривените вредности водат до трагедија. Бидете среќни и задоволни со она што го имате!