Уште на самиот почеток на нивната љубов, семејството на девојката жестоко се противеше на врската со тоа момче. Ја убедуваа дека ако опстои во намерата да биде со него ќе страда целиот свој живот, дека е недостоен за неа и нејзиниот статус.

Иако многу го сакаше, поради постојаните притисоци со кои беше соочена, таа често се расправаше со него.

Многупати го прашуваше: ,,Колку ме сакаш?’’, а тој, невешт во изразувањето, не умееше со зборови да и го искаже тоа, иако беше неизмерна неговата љубов кон неа. Му се лутеше многу во ваквите мигови. Со дополнителните коментари од нејзините родители, нештата стануваа и многу полоши. Момчето прерасна во нејзина жртва за истурање на бесот. А тој, во тишина и го дозволуваше тоа, ги поднесуваше нејзините изливи на лутина, спокојно и трпеливо.

Времето минуваше, а момчето успеа да го заврши факултетот. Во план му беше да замине во странство на понатамошни студии, далеку од родниот град, од другата страна на океанот. Но, не можеше туку така да замине. Мораше да ја запроси својата љубов.

,,Јас….јас не знам да кажувам убави зборови, но едно нешто знам…Те љубам! Ако се согласуваш, би сакал да се грижам и внимавам на тебе целиот свој живот. А, пак, за твоето семејство…ќе се потрудам со сета сила и најмногу што можам да ги убедам, и тие да се согласат со нашата љубов.”

Ќе се ожениш со мене!?” –  девојката му потврди со прашање и насмевка на лицето.

Родителите го забележуваа сиот труд кој го вложуваше момчето, па им омекна срцето и ја одобрија нивната љубов. Конечно, пред да замине далеку од љубената, тие се свршија. Девојката остана во родниот град и се вработи, додека момчето продолжи со учењето во странство. Врската ја одржуваа слушајќи се секојдневно на телефон, и праќајќи си писма. Времето одвоени еден од друг тешко го поднесуваа, но, ни едниот, ни другиот, не се откажуваше.

Еден ден, девојката ја напушти работата како и вообичаено, но, на патот до автобуската станица не ни претпоставуваше што ќе и се случи – возач кој изгуби контрола над својот автомобил, ненадејно ја удри. Кога се разбуди, покрај себе го забележа болничкиот амбиент и родителите кои бдееа над неа, сфаќајќи колку сериозно била повредена од ударот, и колку е среќна што воопшто останала жива.

Ги гледаше родителите, нивните тажни лица наквасени од солзите, и се обиде да ги утеши. Но, во тој момент се соочи со најстрашното. Не можеше да изусти ни збор. Се обидуваше и обидуваше да испушти некаков глас, но безуспешно. Се што произлегуваше од таквиот обид беше само кус здив, но, не и глас. Девојката остана нема. Според докторот, повредата трајно го оштетила нејзиниот мозок, и засекогаш ќе биде осудена да живее така. Гледајќи ги родителите како и зборуваат, ја убедуваат, а таа немоќна не успеваше да изговори ниту еден збор, повторно падна во бессознание. Деновите и минуваа во плач. Нем, но ужасен плач.

Времето одново мина и девојката излезе од болницата. Се врати дома, каде се беше исто како и порано, но, не и таа самата. Го мразеше тонот на телефонот, кој прерасна во нејзин најголем кошмар. Ѕвон по ѕвон, во нејзе растеше и растеше болката, поради немоќта да му се обрати на саканиот. Таа, која секогаш велеше дека зборовите се важни за да се искаже љубовта, сега не можеше да изусти ни збор. Тој не знаеше низ што минува неговата љубов. Не сакаше да му биде товар, па му напиша писмо во кое ја раскина нивната свршувачка, велејќи му дека не може повеќе да го чека, заедно со прстенот што и го беше дал како симбол на нивната љубов. Следуваа многубројни писма и повици од него, но нејзината единствена реакција беа жешките солзи кои и лееа од очите.

Татко и одлучи дека е најдобро да се преселат, откако забележа дека е неподносливо болно за ќерка му да живее опкружена со лошите спомени. Се надеваше дека полесно ќе заборави и ќе стане посреќна во новата околина. Девојката почна да го изучува јазикот на знаците, и полека започнуваше со новиот живот. Посакуваше да може да го заборави и момчето, но никако не успеваше. Еден ден, нејзината најдобра другарка ја извести дека тој се вратил, и дека насекаде ја бара, и распрашува за неа. И забрани да споменува каде е, да му каже дека го заборавила, и да не ја бара повеќе.

Помина уште една година, година во која не слушна ништо повеќе за него. Одеднаш, ненадејно на нејзиниот праг се појави другарка и. И соопшти дека тој ќе се жени, подавајќи и елегантна свадбена покана. Ја отвори со натажен лик, но остана вчудоневидена кога го прочита своето име на неа. Во тој момент го здогледа. Со гестикулации и со знаковниот јазик, со рацете и соопштуваше:

,, Изминатава година ја минав учејќи, се натерав себе си да го изучам и овој јазик, само да можам да ти кажам, дека не заборавив на ветувањето кое си го дадовме. Ако ми дадеш прилика, би сакал да бидам твојот глас. ТЕ САКАМ.”

Забележувајќи ги бавните пораки кои момчето невешто и ги праќаше со рацете, и свршувачкиот прстен кој повторно го постави пред неа, таа конечно се насмевна.

Кога се љуби вистински, делата говорат многу погласно од зборовите. И кога се очите слепи, усните неми, а ушите глуви, љубовта повторно победува. Затоа што јазикот на љубовта е јазикот на срцето.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваSupercalifragilisticexpialidocious
Следна објава10 работи кои треба да ги направите во Мармарис,Турција
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ